Традиционално се зажнеја ориз во Кочани
Денеска, со зажнејување ориз на традиционален начин со срп, презентација на земјоделски машини, домашни ракотворби и јадења подготвени од ориз продолжи 22. Меѓународна манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.
На манифестацијата присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
- Производството на ориз во Република Македонија е со долга традиција на одгледување. Значењето е многукртано бидејќи ги задоволува во целост потребите на домашниот пазар, извозно е ориентиран и ангжира многубројна работна сила во производството и доработката. Производството на ориз бележи константен пораст на површините и количините од 2008 до 2013 година. Во овој период е забележано зголемување од околу 80 отсто, а на количните на произведен ориз за околу 50 проценти, рече Димовски.
Како што истакна Димовски, нашиот производен потенцијал за ориз е голем и затоа Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство финансиски ја поддржуваат оваа земјоделска гранка.
- И годинава оризопроизводителите од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството ќе добијат субвенции за хектар заседена површина. Оваа Влада како и досега ќе продолжи да го поддржува оризопроизводството бидејќи покрај тоа што го стимулира интересот за зголемување на производството го стимулира и интересот за вложување во доработката и пласманот, рече Димовски.
Димовски истакна дека со Турската агенција за координација и соработка-ТИКА ќе работат на проект за развој на производството на ориз со кој, како што рече, се планира развој на виско продуктивни сорти ориз.
- Соработката со ТИКА, со науката и со оризопроизводителите ќе бидат можност оризот повторно да се издигнме на виско ниво, а на Кочани да му го вратиме името град на оризот, рече Димовски.
Во рамки на 22. Меѓународна манифестација „Денови на кочанскиот ориз“ во манастирскиот комплекс во село Горни Подлог се одржа богата културно-уметничка програма. Настапија ансамбли од Турција, Унгарија, Србија и Македонија.