Граѓаните бесплатно се прегледаа на пунктовите низ Македонија
Денеска во Скопје, Штип, Охрид и Тетово се одржаа бесплатни превентивни прегледи и крос. Овој настан е во организација на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, а во рамки на одбележувањето на 29 Септември, Светски ден на срцето, под мотото „Тргни кон здраво срце“.
Директорот на Институтот, Шабан Мемети на Кејот на Вардар во Скопје, каде се вршеа превентивните прегледи и каде стартуваше кросот, изјави дека кардиоваскуларните заболувања се во пораст во Македонија.
- Ако пред две години смртноста од кардиоваскуларни заболувања изнесуваше 57,2 отсто, годинава таа е зголемена на 59,2 проценти, рече Мемети и додаде дека се повеќе се намалува старосната граница на пациенти со кардиоваскуларни болести и се поголем број млади луѓе заболуваат.
Како ризик фактор за честа појава на болестите на циркулаторниот систем и на срцево-садовниот систем, како и сериозните компликации и предвремената смртност, додаде Мемети, се високиот крвен притисок, холестеролот во крвта, шеќерот во крвта, зголемената тежина, физичката неактивност, пушењето, стресот итн.
Атлетичарот Александар Кираџиев рече дека максимално го поддржува проектот од аспект на спортот со кој се занимава.
- На мое огромно задоволство е што трчањето зема се поголем замав во Македонија. Мој личен став што го делам со светските теоретичари е дека само физичката активност може да гради една здрава нација. Се надевам дека трендот на кардиоваскуларни заболувања ќе опадне, а ќе се зголеми трендот на физичката активност, додаде Кираџиев.
Државниот советник во Министерството за здравство Киро Салвани истакна дека според анализите кои ги прават, едно од главните причини за кардиоваскуларни заболувања се нередовните превентивни прегледи.
- Кога ќе се случи инфаркт процентот на излекување е многу помал и со последици, отколку кога ќе се направи преглед, ќе се вградат стентови и ќе се интервенира. Во последните неколку години се сублимираат ризик факторите: нездрав живот, слаба физичка активност, лош начин на исхрана, стресни ситуации и нередовни превентивни прегледи кои доведуваат смртноста од тој да кажам, убиецот број еден во светот да изнесува речиси 60 проценти, рече Салвани.
Тој посочи дека во Програмата на Министерството имаат предвидено и други активности кои се поврзани директно со овие пореметувања на срцево-садовните заболувања и ќе ги интензивираат активностите на ниво на матичен доктор бидејќи тие се првата станица каде пациентите бараат помош.
Треба, нагласи Салвани, оттаму да се дејствува на сите пациенти кои се во ризична и неризична група да прават редовни систематски и превентивни прегледи и на тој начин да се превенира оваа опасна болест. Според него, тоа е единствениот начин да се намали бројот на смртните случаи и инциденцата од срцево-садовните заболувања.
- Министерството за здравство во последните неколку години направи набавка на многу софистицирана медицинска опрема која ја подели во сите градови и пристапот до неа сега е многу поголем и поголем е бројот на лицата кои се прегледуваат и се откриени многу случаи на срцево-садовните заболувања. Порано тие тешко се одлучувале да дојдат во Скопје да се прегледаат, а сега веќе во Битола, Штип, Струмица,. Тетово, Охрид итн. имаат можност преку своите одделенија за интензивна кардиологија и со сите апарати кои се купени веќе се откриваат болестите во поголем број, додаде Салвани.
МИА