ВМРО-ДПМНЕ: Октоподот расте - Заев го збогатувал и сопругот на Цветанка Иванова
Ако пред две недели презентиравме факти со кои почнавме да го разобличуваме системот на Зоран Заев за лично и семејно богатење, денес ќе презентираме нови факти кои на овој скандал му даваат многу поширока и позастрашувачка димензија.
Во тендерскиот скандал вклучени се многу високи функционери од СДСМ.
Зоран Заев освен нататко му, чичко му, братучедите, стрина му и снаа му, јавни набавки доделувал и на фирмата на сопругот на пратеничката од СДСМ Цветанка Иванова и тоа во многу наврати.
Во тоа не би требалo да има ништо лошо, според законите како што вели Зоран Заев, но има многу голем проблем знаејќи го фактот за политичката поврзаност и близина на Зоран Заев и Цветанка Иванова.
Со овие примери, веќе станува јасно дека Општина Струмица е центар од кој се спроведуваме многу сомнителни активности.
Општина Струмица на ден 26.10.2010 година склучува договор за јавна набавка со фирмата Дикор ЦД ДООЕЛ Струмица во сопственост на Димчо Иванов т.е. сопругот на познатата пратеничка од СДСМ, Цветанка Иванова.
Зоран Заев на сопругот на пратеничката од СДСМ Цветанка Иванова му исплатил 3.555.663 денари само по овој основ.
Ова значи дека најголемиот тендерски скандал во Македонија е многу поголем и има позагрижувачки размери. Влезен е и во политиката.
Секој ден, нова патека по која се движеле парите на граѓаните кон фамилијарни и партиски цели, излегува на виделина. Зоран Заев бил доста креативен во својата работа, но во оној дел каде наоѓал начини како да го изигрa системот. Веќе не се работи за семеен, туку за добро испланиран семејно-политички бизнис систем за искористување на парите на граѓаните.
Ако досега бевме сведоци дека јавни набавки добиваа семејните фирми на Заеви и фирмите на нивните бизнис партнери, сега јасно се гледа дека милионски суми од парите на граѓаните добивале и семејни фирми на високи функционери во СДСМ. Можеби така се купува поддршката и довербата во СДСМ.
Ваквата бизнис поврзаност на Зоран Заев и фирмата на сопругот на пратеничката Цветанка Иванова отвара дилеми колку длабоко е навлезен октоподот на Зоран Заев во струмичкото општество.
Додека Зоран Заев молчи и несака да даде одговор, клопчето се повеќе се одмотува. Сите манипулации и лаги кажани за било кој од ВМРО-ДПМНЕ нема да не спречат да и ја презентираме вистината на граѓаните. Ова се докази и документи, а не празни и лажливи прашања.
(Интегрален текст од прес-конференција на Спиро Ристовски)