Светот се запозна со квалитетот на македонското сирење и кашкавал
Светската публика се запозна со квалитетот и преубавиот вкус на Галичкиот и Лазарополскиот кашкавал и сирењето од Бистра за време на четиридневниот биенален меѓународен фестивал на сирење - „Cheese 2013“, кој се одржа во Италија.
Во „Улицата на президиумите“ беа претставени голем број президиуми на сирења од целиот свет. Фестивалот овозможи и програми за деца кои вклучуваа едукативни работилници за храна. Саемот, кој заврши денеска, беше проследен со вечерни концерти на плоштадот во Бра. Се проценува дека оваа година настанот го посетија 250.000 посетители.
- Настанот овозможи посета на пазари на сирење, работилници за вкус и конференции и овозможи на едно место да се сретнат малите производители, експертите за млеко и млечни производи и фармерите. Ова беше можност за учество на македонски експерти на Конференција за хигиенска регулатива за производство на сирења на ЕУ и нејзина адаптација во земјите на Балканот. Низ шаторите, различните сали и простори распоредени низ улиците на центарот на овој историски град, посетителите имаа несекојдневна можност да вкусат сирења и млечни производи од сите краишта на светот, а Македонија во организација на Slow food Македонија пред светската публика го претстави Президиумот Маврово-Река, со што посетителите имаа можност да се сретнат со уникатните вкусови на Галичкиот и Лазарополскиот кашкавал и сирењето од Бистра, се вели во денешното соопштение од Slow food Македонија.
Во рамките на овој настан имаше и промоција на проектот ЕССЕДРА кој ги вклучува земјите од Балканот (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Романија, Србија, Хрватска), Турција и „Европскиот форум за заштита на природата и пасторализам“ како партнер на овој проект.