Измените на Законот за јавни набавки пред пратениците
Денеска пратениците во рамки на 72. седница расправаат за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, во прво читање.
Заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини истакна дека измените кои се предложени ги дополнуваат надлежностите на Бирото за јавни набавки, а се преземаат во консултација со деловната заедница.
- Со ова се воведува профил на економскиот раст на електронскиот систем за јавни набавки и дополнителниот чекор за доставување конечна цена кај случаите во кои не може да се спроведе стандардна електронска аукција поради немање конкуренција. Оваа алтернатива ќе овозможи поголем процент на успешно завршени отворени постапки, истакна Џеладини за предлог-законот.
Новина е задолжително прикачување тендереска документација во електронска форма, создадена за наплата на надоместот, ќе се овозможи полесен пристап до тендерската документација и ќе се намалат трошоците на понудувачите... Бирото за јавни набавки ќе има нови надлежности, контрола на задолжително прикачување тендерска документација, листа за негативни референци, да се допрецизираат интернет акти при организирање едукација за јавните набавки. Да се спречат злоупотреби кај договорите за набавка на софтверски решенија се предвидува обврска за преземање сопственост на изворниот код на софтверското решение од страна на договорниот орган, а во здравствениот сектор се воведува обврската за користење генерички имиња на лековите при нивна набавка.
- Експлецитно се забранува групирање стафки во делот од набаква со кој се ограничува конкуренцијата на единствен понудувач за сите стафки во рамки на делот без разлика дали се работи за делива или неделива набавка. Новина е воведување повеќе контролни механизми, во рамки на постапката кои во досегашната пракса се покажаа како подложни на слабости. Се зајакнува позицијата на Државната комисија за јавни набавки со нови надлежности во обезбедување законитост на постапката преку согласности предвидени да ги издава во случаи кога се дефинирани технички спецификации..., појасни Џеладини.
Од друга страна, Марјанчо Николов од СДСМ смета дека законот нема да придонесе јавните набавки да се дигнат на повисоко ниво: - Значи 25 отсто од договорите се склучени во ситуации кога на јавната набавка имало само еден понудувач, кај 26 проценти имаме поништување на тендерските постапки и најмногу се поништуваат големите тендери, истакна Николов.
Предложените измени и дополнувања на Законот за јавни набавки, пратеникот Самка Ибраимовски од партијата за целосна еманципација на Ромите забележа дека не нудат решенија на досега прикажаните слабости.
За пратеничката Радмила Шекеринска од СДСМ со измените на законот досега се менувала само формата, но не и суштината. Законот, како што нагласи, досега се менувал повеќе пати за да се зголемела транспарентноста, но во праксата тоа не се применувало.
Расправата ќе продолжи по редовната пауза.