ДУИ: Законот за социјална заштита има недоречености
Претставниците на Македонската платформата против сиромаштијата денеска упатија барање до претседателот на Собранието Талат Џафери, како и до сите пратеници во најскоро време да биде ставен на дневен ред и изгласан новиот Закон за социјална заштита и детска заштита.
– Сакаме да укажеме на штетноста која директно влијае на една многу маргинализирана група. Повеќе од 25.000 семјества чекаат на донесување на овој закон со кој не се решава проблемот со сиромаштијата, меѓутоа се дава надеж за излегување од кругот во кој веќе многу време се вртат, нагласи Зоран Биковски, претставник од МППС.
Претседателот на Собранието денеска е во посета на Литванија каде присуствува на ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО. Извори од парламентарната група на ДУИ за Алсат велат дека Законот не е во собраниска процедура бидејќи интегративците сметаат дека содржи недоречености и се уште е во фаза на доработка. Кога ќе се добие конечната форма ќе биде доставен до пратениците.
Инаку, податоците на Платформата за борба против сиромаштијата покажуваат дека околу половина милион луѓе живеат под прагот на сиромаштија. Четиричлено семејство се смета дека е сиромашно ако во текот на годината не надминува вкупни приходи од 164 илјади денари. За поединец пак, сиромав е оној човек кој денот го поминува со помалку од 100 денари за сите потреби.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа