Заев: Не му се извинувам на Мијалков

 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев нема намера да му се извини на директорот на УБК, Сашо Мијалков. Тој во изјава за Нова вели дека поставените прашања не се клевета ниту навреда.

„Ниту размислувам,ниту имам намера да му се извинам на Сашо Мијалков.Јас и СДСМ имаме основано сомнение за прашањата што ги поставуваме. 
Реакцијата на Сашо Мијалков говори за степенот на дрскост и ароганција на оваа власт. Наместо тој и неговиот прв братучед Никола Груевски да одговорат на прашањата адресирани до нив, Мијалков се заканува со тужба и бара од мене и опозицијата да се откажеме од основната улога што ја имаме во општеството. Да ги разобличиме злоупотребите и криминалите на власта и да ги презентираме во јавноста.
Сашо Мијалков ќе тужи. За него поставени прашања се клевета и навреда. Семоќниот клан Груевски не е навикнат да одговара на ненарачани прашања. Најлесно им е да ги искористат поданиците во судството да пресудат во нивна полза.
Искрено верувам дека судиите конечно ќе смогнат храброст и ќе се спротивстават да објавуваат однапред напишани пресуди. Наместо образот на сомнителни лица,да се обидат да го исчистат образот на еден од столбовите на демократијата-судската власт - вели Заев за НОВА.

Директорот на дирекцијата за безбедност и контрарзузнавање, Сашо Мијалков побара извинување од лидерот на СДСМ, Зоран Заев за изјва дадена токму за порталот Нова. Адвокатот на Мијалков, Антонио Апостолски му испрати писмо на лидерот на СДСМ за изјави дадени за порталот но и на прес конференции кои според Мијалков содржеле клевети и навреди. 

30.09.2013 - 21:03

најчитано сега