Плусинфо: Дивата платформа на Матка ќе го урне Пендаровски на изборите?
Нелегалната платформа на Матка може да го урне Пендаровски на изборите, пишува Плусинфо повикувајќи се на партиски извори. Според порталот, проблемот со платформата е нов проблем во коалицискиот брак на Заев и Ахмети.
„ Извори од ДУИ брифираат дека СДСМ ја актуелизира нелегалната платформа, за да го притисне Беџети да ја урне. Неофицијално, платформата ја гради човек од Грчец, близок на градоначалникот. Според ДУИ, ако Беџети ја урне платформата тогаш како ќе бара гласачите на Сарај да гласаат за Пендаровски. Наводно, целта на дел од скопското лоби на СДСМ, која била против Пендаровски да биде претседателски кандидат, е да ја осуети поддршката на албанскиот електорат од Сарај за заедничкиот претседателски кандидат.
Ова би ја преполовило поддршката за Пендаровски, а револтираните гласачи наводно веќе најавувале дека ќе гласаат за противкандидатот Гордана Силјановска Давкова. На тој начин, ДУИ, односно Беџети ќе биде етикетиран дека потфрлил во обезбедување поддршка за Пендаровски, односно дека одработил за Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ потенцираат дека Шилегов им испратил инспекции за случајот да добие публицитет во јавноста.“ – пишува Плусинфо.
Порталот повикувајќи се на брифери од СДСМ пишува дека ДУИ си прави алиби во случај неговите гласачи да потфрлат на изборите и да не гласаат за Пендаровски.
„Од СДСМ брифираат дека ваквите тврдења на ДУИ се надвор од здравиот разум. Од таму демантираат било какви игри против Пендаровски. Според нив, „Матка“ станала случај пред три месеци, а не сега пред избори, го актуелизирала јавноста, а не СДСМ и Шилегов и тогаш воопшто не се знаело дека Пендаровски ќе биде официјален кандидат за претседател. Од СДСМ велат дека можеби ДУИ со ова си прави алиби ако нивните гласачи потфрлат за Пендаровски во корист на Силјановска.
Од таму порачуваат политиката да не се меша во случајот „Матка“ дека станува збор за класична дивоградба за која Беџети треба да реагира, бидејќи Градот во тој дел нема ингеренции и дека градоначалникот не може да се однесува како шериф на Сарај.“ – пишува Плусинфо.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа