Самсоненко останува, Вардар ќе биде спасен

 

Ракометниот клуб Вардар и понатаму ќе стои на здрави нозе, затоа што договорена е соработка на повеќе компании и бизнисмени, кои во иднина ќе бидат дел од македонскиот ракометен бренд кој беше европски првак.

Сергеј Самсоненко најави заминување од „црвено-црниот“ табор ако не добие финансиска помош од македонските бизнисмени, а по новиот успех на ракометарите и притисокот од нацијата за спас на клубот, во целата акција се вклучија домашните моќници.

 

Според информациите до кои дојдовме, Сергеј Самсоненко според најавите ќе остане мнозински сопственик на РК Вардар и ќе продолжи да биде како инвеститор во тимот. Прв човек ќе биде Михајло Михајловски, а во финансирањето, Русинот ќе има голема помош од домашни компании, кои како акционери веќе го потврдиле своето учество во клубот.

 

Околу креирањето на финансиската конструкција, се чека одговор на уште една голема компанија, чие име засега не се открива, а треба да даде „инјекција“ од нешто околу еден милион евра.

Веќе е договорен состанок на сите страни, на кој, наводно, на играчите ќе им биде соопштено дека нема да треба да бараат нови клубови и дека и во наредната сезона тимот ќе остане ист и ќе атакува на истата цел, а тоа е место меѓу најдобрите четири во Лигата на шампионите.

Самсоненко е во РК Вардар од 2014 година, а тимот со него како инвеститор оствари големи успеси за македонскиот ракомет. Клубот има три учества на Ф4-турнирите во ЛШ, меѓу нив и она пред две години, кога се победија Барселона и ПСЖ и се крена европската круна.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.05.2019 - 15:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега