Локвенец: Ништо повеќе нема да биде како порано, вашата и безбедноста на државата се гарантирани
Преку конструктивен пристап, во соработка со опозицијата и следејќи ги насоките на нашите меѓународни партнери, дојдовме до квалитетно законско решение, коe од една страна значи гаранција на човековите права и приватноста, а од друга страна креираме предуслов за силен механизам за ефикасна борба против организираниот криминал, тероризам и закани во глобални размени по безбедноста и сигурноста на сите граѓани, кажа на прес-конференцијата пратеникот од СДСМ и коалицијата, Хари Локвенец
„Со ова законско решение се оневозможува злоупотребата на овој прилично чувствителен безбедносен систем и на мое огромно задоволство добиваме силна и ефикасна контрола врз безбедносните структури. По донесувањето на Законот за следење на комуникациите и Законот за оперативно –техничката агенција, и со донесувањето на овој Закон за агенција за национална безбедност ги заокружуваме реформите во безбедносниот сектор кои што со години меѓународната заедница ни ги препорачува и се еден од условите на нашиот евро-атлански пат. За мене, како претседател на Комисијата за одбрана и безбедност од исклучително значење е што целиот пакет на безбедносни закони ги носевме во соработка со опозицијата, тоа значи дека овие решенија се заеднички и довербата кон нив е неминовна. Ништо повеќе нема да биде како порано, Вашата и безбедноста на државата се гарантирани, но исто така гарантирана е и Вашата приватност и Вашите човекови права“, кажа Локвенец..
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа