Македонија добива дигитален подвижен мамограф за борба против рак

Денеска министерот за здравство, Никола Тодоров, при посетата на здружението за борба против рак „Борка - за секој нов ден“, најави дека Министерството за здравство ќе спроведе постапка за набавка на дигитален подвижен мамограф за рано откривање на малигни заболувања.

- Предноста на овој мамограф е што е мобилен, може да биде поставен онаму каде што е потребен. Врз основа на тоа може да се креира план за детекција и превенција на малигни заболувања во повеќе градови во Македонија, рече Тодоров.

Македонскиот министер за здравство денеска информираше и дека поголема група македонски доктори биле испратени на едукација во Кличничкиот центар во Љубљана за да работат во Македонија за скриниг за рак на дојка.

Биба Додева, претседател на Здружението за борба против рак „Борка - за секој нов ден“ најави заедничка соработка со Министерството за здравство со цел подигнување на свесноста за ракот на дојка во Република Македонија. Според Додева, ќе се спроведе едукативна кампања „Розов октомври“, која ќе опфати организирање Национална конференција за рак на дојка предвидена за 7 октомври, одбележување на светскиот ден на здрави дојки на 15 октомври, ВИП донаторска забава-Pink Night 2013 за собирање донации за обезбедување перики за жените подложени на хемотерапија, а се со низок социјален статус. 

Инаку, вредноста на мамографот е околу 13 милиони денари.

 

04.10.2013 - 14:44

најчитано сега