Избрани 1.600 лица кои ќе се вработат во државните институции

 

Денеска беа избрани 1.600 лица од социјално ранливи категории кои ќе бидат вработени во државните институции. Со почеток во 12 часот, во рамки на отворена програма на Македонската телевизија, беше извршено директното компјутерско рангирање на најдобрите 1.600 апликанти, кои се пријавиле на огласот за вработување на лица од социјално ранливи категории објавен од ЈП „Македонски шуми“. 

Изборот е направен од над 20.000 пријавени лица. Избраните ќе бидат првично вработени во ЈП Македонски Шуми, потоа дел од нив ќе останат работа во ова јавно претпријатие, а другите ќе бидат преземени во други институции. Имињата на избраните апликанти можат да се видат и на веб страната на Македонски шуми.

Министерот за финансии Зоран Ставрески кој присуствува на рангирањето на овие лица, истакна дека проектот за вработување на 1.600 лица е наменет да им помогне на најранливите категории на граѓани, кои се најсиромашни и кои вообичаено најтешко доаѓаат до работа.

- Ако се погледне структурата за кои лица се работи, ќе се види дека се работи за лица поделени во четири групи. Тие или се невработени подолго од 10 години, без ниеден вработен во семејството, од многудетни семејства, или самохрани родители, односно од семејство кое еднородителско, рече Ставрески.

Министерот додаде дека целта на македонската Влада била да им се помогне на социјално загрозените, тие да се вработат и да го обликуваат својот живот. Со овој проект, објасни Ставрески, Владата сака да ги извлече од кругот на сиромаштијата овие лица на кои тоа им е најпотребно.

Вицепремиерот истакна дека првпат во 22 години, на ваков директен начин им се помага на социјално ранливите граѓани.

- Овојпат се решивме со посебен конкурс наменет за нив  со цел да имаат поголема или најголема шанса да бидат избрани, а не други лица, затоа целата постапка бешпе зачајно иако е сложено да се изведе на транспарентен начин и ние многу внимателно цела постапка ја реализиравме од мај кога беше објавен огласот, рече Ставрески.

Изборот е направен согласно објавените критериуми и опфаќа четири групи лица: долгорочно невработени со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен.

За секоја од категориите се предвидени по 400 вработувања. Во рамки на секоја група има вработувања за лица со ниски квалификации, со средна стручна подготовка и за лица со високо образование. При изборот водена е сметка и за правичната застапеност на етничките заедници. Од избраните, најголем дел, 976 се неквалификувани, со средно или шишо образование и 152 со високо образование.

Изборот беше извршен од компјутерски електронски софтвер кој содржи податоци за апликантите собрани на три начини заради обезбедување транспарентност и правичност на процесот. Првиот вид се податоци кои самите апликанти ги навеле во обрасците што ги имаат доставено до ЈП „Македонски шуми“. Вториот вид се податоци со кои располагаат државните институции (УЈП, ФПИОМ и Агенција за вработување), а кои се обезбедуваат по службена должност и третиот тип се собрани од специјализирани тимови на институциите кои извршиле теренски посети на поедини апликанти за да ја утврдат веродостојноста и точноста на наведените податоци.

На изборот присуствуваа и министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски и директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџоски.

Лицата кои денеска не се избрани ќе можат да поднесат жалба до Второстепена комисија, а имаат право да поведат управен спор.

06.10.2013 - 13:22

најчитано сега