Груевски: Македонија нуди најниски трошоци за започнување бизнис

 

Денеска претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, имаше свое обраќање на Вториот глобален инвестициски самит во Охрид. Премиерот на овогодинешниот самит кој е посветен на конкурентноста на националната економија, стимулирањето на иновациите и промоција на човечкиот капитал, пред присутните изјави дека Македонија е земја со стабилна економија и политичка атмосфера.

-Земјава во последните години забележа сериозен прогрес во подобрување на деловната бизнис клима. Светската банка тоа будно го следи и ги рангира земјите во Извештајот наречен „Doing Business“. Македонија на оваа листа од 94-то место се искачи на 23-тото. Нема да застанеме, ќе напредуваме уште со подобри реформи за подобра бизнис клима, истакна Груевски на самитот во Охрид.

Исто така, македонскиот премиер истакна и дека сме држава која нуди најниски трошоци за започнување бизнис во Европа, како и дека нуди високо образовна работна сила.

-Вложуваме многу во образованието во нашата земја. Воведовме задолжително бесплатно средно образование, секој ученик доби компјутер. Се воведе задолжителен предмет англиски јазик од прво, а уште еден странски јазик од шесто одделение. Се отворија нови универзитети и многу дисперзирани студии во градовите. Инвестиравме многу во нова опрема и лаборатории. Добивме околу 1000 нови учебници. Ги стипендираме студентите кои ќе се запишат во најдобро рангираните универзитети. Поевтинето е и високото образование за да биде достапно за сите. Спроведовме силна кампања за поттикнување на младите луѓе да одат на што е можно повисоко образование. Тоа вроди со резултати. Дури две третини од запишаните студенти, завршуваат факултет, посочи Груевски и додаде дека Македонија има прилично стабилна економска ситуација, низок државен долг, што е четврт најнизок долг во Европа, пренесе Курир.

Инаку, на самитот  во организација на Македонија 2025 учество ќе земат компании од преку 20 држави како САД, Австралија, Кина, Јапонија, Шведска, Германија, Холандија, Турција, Унгарија и 30 светски познати компании како Phillips USA, Telus Canada, Canadian Bombardier, Deutsche Telekom Group, MindTree India, Acibadem Turkey. 

Свое обраќање ќе имаат Санеди Ог од Блекстон, Крис Главин - поранешен извршен директор на Моторола, Хубертус ван дер Ваарт од СЕАФ, Самих Елхаг кој оваа година стана финансиски директор на Нокија решенија и мрежи. Исто така, во Охрид се и познатиот бизнисмен Џон Битов како и Мајк Зафировски кој го има искуството како генерален менаџер во повеќе светски компании. Учество ќе земат и  Филип Ван Хол, основач на светскиот бренд Ван Хол Белгија, Мехмед Али Ајдинлар, претседател на одборот Аџибадем клиники.

09.10.2013 - 11:21

најчитано сега