МОБ доби нов современ балетски под

 

Македонската опера и балет доби современ балетски под. Се работи за инвестиција вредна 1,8 милион денари.

Од отворањето на објектот на МОБ во 1982, првпат се менува подот за вежбање и настапи на  балетските играчи. Новиот под има 225 метри квадратни  и може да се поставува и во вежбалниците и на главната сцена кога ќе се изведуваат балетските претстави.

 

- Барањето потекна од самите балетски играчи. Балетскиот под е по сите светски стандарди и го имаат балетските институции во други држави. Подот е составен од две нивоа, со вибрација на горната површина. Лесно се монтира и демонтира  со цел да биде во функција на балетските претстави. За дејноста на балетските играчи е важен токму ваков под и задоволство ми е што успеавме да го набавиме и да го поставиме, изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која денеска присуствуваше на вежба на балерините на МОБ.

Уметничкиот директор на МОБ се заблагодари за инвестицијата од Министерството.

 - Ваков балетски под имаат сите светски театри. Тој ќе биде специјално изнивелиран за нашата сцена, истакна Божинов, додавајќи дека  повеќе ќе нема повреди на играчите поради дотраеноста и дефомираноста на стариот под.

Канческа-Милевска информираше и дека со раководството на МОБ денеска разговарале за набавка на нови столчиња во големата сала. Договорено било МОБ да изработи анализа, а Министерството за култура ќе излезе во пресрет и за таа намена да обезбеди средства од буџетот.

09.10.2013 - 12:43
Фото: 
Радиомоф

најчитано сега