Во Македонија сеуште нема пресуда за мобинг

 

Денеска во СКопје се одржа советување  „Мобинг согласно Законот за работни односи“. Во текот на советувањето беше констатирано дека иако во тек се тужби за мобинг, во судовите низ Македонија сеуште се нема донесено ни една пресуда.

Како што на денешното советување истакна  директорката на  Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, целта е да се разменат компаративни искуства и да се презентираат досегашните искуства на Македонија во однос на мобингот и идните чекори кои се планирани да се превземат.

- Оваа тема е нова и многу актуелна и  затоа ќе продолжиме со организирање обуки во овој правец, на кои како учесници ќе се покануваат не само претставници на судската професија, туку и адвокатите, претставниците на синдикатот, на организацијата на работодавачите, односно сите субјекти кои учествуваат во примена на овој нов Закон, рече Арнаудовска.

На советувањето беше дел и пратеничката во македонското Собрание Лилјана Поповска според која неопходна е кампања односно список на постапки за секоја институција и поединец кои се во допир со мобингот: - - Мобингот се чувствува прво на сопствената кожа и тоа е едно психичко вознемирување на едно работно место. Тоа е малтретирање на работно место, кое може да биде и од горе кон долу и обратно, а може да биде и меѓу колегите. Може да зависи и од психолошкиот профил на луѓето кои се во работниот процес, нагласи Поповска.

Пред учесниците се обрати и Каролина Милосављевиќ-Шулце од Фондацијата ИРЗ.

- Да се докаже мобингот е многу тешко. Затоа на адвокатите и на судиите во Германија им се препорачува да водат детален протокол за ваквите процеси. Значи точно да опишат кој прави мобинг, како и каде го прави мобингот, односно да се направи детален опис на сите елементи на мобингот. Во судовите постои можност на олеснување на доказната постапка. Имено доволно е жртвата да ги наведе сите овие елементи, а потоа оној што врши мобинг треба да докаже дека тоа не е така, рече Милосављевиќ-Шулце.

- Најмногу жртви на мобинг се лица кои се занимаваат со социјални дејности како воспитувачи, негуватели, продавачи... Сопред статистиката 75 проценти повеќе има шанси жената да биде жртва на мобинг отколку мажот, а исто така и во однос на страосните групи, оние што вршат мобинг се најчесто од 35 до 55 години, а жртвите се лица или помлади од 25 години или постари од 55 години, нагласи Милосављевиќ-Шулце.

09.10.2013 - 14:18
Фото: 
Академик.мк

најчитано сега