Владата го продолжи рокот за земјоделски субвенции
Владата одлучи рокот за поднесување апликации за добивање земјоделски субвенции да биде продолжен до 20 октомври годинава, информираше денеска протпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Тој истакна дека до 20. октомври сите земјоделци ќе можат да ги поднесат своите апликации, и да поднесат документација врз основа на која, како што рече, ќе добијат средства кои оправдано ги заслужиле со својот вложен труд.
- Ова е излегување во пресрет на една популација меѓу две и три илјади земјоделци, кои според нашите информации добиени од терен не стигнале да ги поднесат своите апликации. Го направивме ова бидејќи цениме дека тие заслужуваат да ги добијат средствата, кои се нивни, заслужени и е дозволено едно пролонгирање на рокот. Земјоделците имаат десет дена, период во кој можат да ги комплетираат своите писмени поднесоци и да ги поднесат до надлежните органи, истакна денеска Ѓорѓиев.
Владиниот портпарол апелираше земјоделците што побрзо да аплицираат, бидејќи рокот нема да биде повторно продолжуван.