Инвестициски самит: Идната година се очекува првата инвестиција на фондот на Македонија 2025 и СЕАФ

 

Денеска заврши Вториот глобален инвестициски самит кој од вчера се одржува во Охрид. Во текот на денешнио ден беше констатирано дека во текот на наредната година се очекува првата инвестиција од фондот што го формираа Македонија 2025 и СЕАФ.

- Имаме доволно средства што ни се потребни за инвестициите. Има приватни институции кои ќе треба да придонесат околу финансирањето, изјави Хуберт ван дер Варт, извршен претседател и коосновач на СЕАФ, Америка.

Фондот ќе се финансира од дијаспората, СЕАФ и пензиски фондови и приватни инвеститори, како од Македонија и од странство. 

- Македонија има одлична иднина, освен информатичкиот и автомобилскиот сектор, треба да го зголемиме капацитетот во текстилната, фармацевтската индустрија и земјоделството, порача Вера Ставроф, член на Бордот на директори на Македонија 2025.

Претседавачот на Самитот Зоран Мартиновски смета дека предизвик е да се искористи високообразованиот кадар кој во последните 20 години заминал во странство, а чија бројка, според некои статистики, достигнува до 250 илјади.

- Мислам дека сме на вистинскиот пат да ја постигнеме нашата мисија да изградиме посилна нација преку проширување на знаењето и комуникацијата меѓу луѓето од Македонија и оние во дијаспората, истакна Мартиновски.

Според претседателот на Македонија 2025 Мајк Зафировски Македонија треба да постигне многу напредок што ќе го движат поединци кои ќе бидат подготвени да работат во екипа.

- Тука сум да помогнам да се изгради посилна нација, во привлекување странски инвестиции, во пренесување најдобри практики на локалните бизниси, посочи Зафировски, додавајќи дека во последните три години има напредок и во макроекономските статистики и во некои други постигнати цели.

Инаку, Вториот глобален инвестициски самит започна вчера во Охрид,а присуствуваа омпании од преку 20 држави како САД, Австралија, Кина, Јапонија, Шведска, Германија, Холандија, Турција, Унгарија и 30 светски познати компании како Phillips USA, Telus Canada, Canadian Bombardier, Deutsche Telekom Group, MindTree India, Acibadem Turkey. 

 

10.10.2013 - 16:06
Фото: 
МИА

најчитано сега