Груевски: Странски консултанти ќе им помагаат на македонските компании

Претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, денеска информираше и дека странски експерти ќе им понудат стручна помош на домашните компании.

- Се работи за многу квалитетни лица кои имаат огромно искуство, кои целиот живот го поминале на високи позиции во тој бизнис, има што да кажат и како да помогнат во делот на подобрување на квалитетот на производството и на производот, изнаоѓање нови пазари, системско подобрување на производниот процес, маркентишкиот и други делови зависно од потребите на нашите компании, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на нова опрема во Градска општа болница „8 Септември“.

Груевски обелодени дека Владата објави оглас за повик до компаниите да се пријават доколку се заинтересирани за обезбедување консултанти од нивните области што ќе им помогнат за развој на нивниот бизнис, а важи за сите гранки.

- Има само два критериуми кои не се многу ограничувачки така што најголем дел од фирмите во Македонија може да се квалификуваат. Апликациите ќе бидат разгледани и ќе се обидеме колку што е можно повеќе консултанти да донесеме во земјата да им помогнат на овие компании со цел тие да го зајакнат квалитетот на својот производ, да го зголемат извозот и да отворат нови работни места, изјави Груевски.

13.10.2013 - 15:57

најчитано сега