Македонија ја одбележува Неделата на италијанскиот јазик

 

Oд денеска до 22. октомври низ Македонија ќе се одбележува 13. Недела на италијанскиот јазик.

Активностите се организирани од Амбасадата на Италија во Скопје, а целта е да се поттикнат и поддржат оние кои се занимаваат со италијанскиот јазик и култура. Тема на годинашната програма е „Истражување, откритија, иновации: Италија на знаењата“. Фокусот ќе биде ставен на италијанските истражувачи и нобеловци, на жените научници, како и на две важни настана - 700 години од раќањето на Џовани Бокачо и 20 години од смртта на светски познатиот режисер Федерико Фелини.

13. недела на италијанскиот јазик стартува денеска на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ со претставување на преводи на книги од Бокачо и други италијански автори. Предавање за студентите на Катедрата за италијански јазик и книжевност ќе одржи научниот работник Фабио Матеоли, а вечер во Кинотека на Македонија ќе биде отворена изложба „Храната во цртежите на Федерико Фелини“ во организација на италијанскиот регион Емилија Ромања.

Во Кинотека ќе бидат прикажани и познатите филмови на Фелини „Џинџер и Фред“, „Сладок живот“ и „Бадијалџии“. Дел од активностите од Неделата на италијанскиот јазик ќе бидат одржани и во Штип, Битола и Кавадарци. 

14.10.2013 - 09:50

најчитано сега