Ласовска: Вистинската причина за разрешувањето на Мизрахи е разобличувањето на незаконските активности на Царовска

Доцна во ноќта хибридниот режим на Зоран Заев го покажа целото свое лице. Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи по диктат на Заев, а по формално барање на Оливер Спасовски беше разрешена, само заради тоа што го користела Република Македонија. Ова е тоталитаризам во својот класичен облик. Да биде иронијата уште поголема, самиот Оливер Спасовски кога ги образложуваше причините за разрешувањето самиот користеше термин Македонија без никакви придавки или додавки. Ова е лицемерие на СДСМ.

Ова денеска на прес-конференција го истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, додавајќи дека СДСМ бараше разрешување на Мизрахи поради прес-конференција пред талба со Република Македонија која е наследена од нејзината претходничка Мила Царовска. Според Ласовска, самите користат Република Македонија во формална и неформална комуникација.

-Ова само покажува дека таблата беше само повод, а вистинската причина за разрешувањето е разобличувањето на незаконските активности на Царовска и неодговорното работење на министерството во време на истата. Јавноста само треба да ги погледне прес конференциите на Рашела Мизрахи, за да види какви дубиози се случувале во Министерството за труд и социјала во време на Царовска и ќе им стане јасно зошто се бараше разрешување по итна постапка среде ноќ. Рашела Мизрахи покажа како се сака Македонија и покрај целата хајка која СДСМ и нивните апологети ја правеа против неа. Со својата храброст, принципиелност и непоколебливост одговори на сите антисемитски напади, кои беа упатувани оркестрирано против неа уште од самиот почеток. Тоа кое што Бранко Тричковски го почна, Заев, Оливер и владеачкото мнозинство во парламентот го продолжија, рече Ласовска.

Според Ласовска разрешувањето на Мизрахи е обичен обид за дефокус на СДСМ од криминалите во кои Заев е заглавен до гуша, за корупцијата која цвета во Македонија, за нивното неодговорно и штетно владеење, за Луј Витон торбите, за рекетот, за плантажите со марихуана на Заеви, за тендерите и концесиите кои аболицираниот криминалец Заев ги правел.

-Ова тоталитарно однесување на Заев и неговиот хибриден режим фрла сериозна дамка на изборите кои ќе се случат на 12 април, бидејќи се руши еден од суштинските постулати согласно законот за Влада и законот за избори. Јасно е како ден дека Заев сака со сите можни сили да го одложи соочувањето на фер и демократски избори, бидејќи поразот кој му следи е се поизвесен. Тоа е причината за неговиот страв и неговиот очај. Тоа е причината за неговата нервоза и паника, потенцираше Ласовска.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.02.2020 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега