Ласовска: Ја разрешија Мизхрахи, а сѐ уште има институции кои се заведени под името Република Македонија

 

Лицемерието на хибридниот режим на Зоран Заев целосно се разобличи со разрешувањето на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.

Вели дека Рашела Мизрахи не го прекршила ниту законот, ниту Уставот.

- Напротив, ја разрешија затоа што го откри и не молчеше за криминалот кој бил правен претходно во министерството, неодговорното работење и неспособноста на кадрите на СДСМ. Дека се работи за хипокризија покажува и фактот што и самиот Оливер Спасовски при образложувањето на разрешувањето  користеше термин  Македонија, а тоа го направи и на митинзи и јавни настапи претходно, рече Ласовска.

Според неа, дури и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, човекот кој, како што рече, хистерично бараше разрешување на Мизрахи деновиве пуштил оглас во кој се бара кандидатот да биде државјанин на Република Македонија.

-Според истата логика на СДСМ, Оливер Спасовски требаше да побара разрешување и на Никола Димитров и на самиот себе, исто како што бараше и за Мизрахи. Дури и штетниот договор од Преспа предвидува рок за внатрешна употреба на придавката пред името Македонија. Затоа и државните институции сеуште го немаат променето името во Централниот регистар или Управата за јавни приходи. Така на пример на официјалната веб страна на Управата за јавни приходи, во делот каде може да се пребаруваат сите даночни обврзници во Република Македонија, се уште има државни институции, министерства, агенции, комисии кои се заведени и чие име е Република Македонија. Тоа се: Влада на Република Македонија, Секретаријат за информации Скопје, Министерство за надворешни работи на Република Македонија, Агенција за енергетика на Република Македонија, Агенција за храна и ветеринарстов на Република Македонија, Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија и други, рече Ласовска.

Според неа, ниту овие институции не направиле никакво прекршување, но по истата логика Спасовски, Заев и министри и директори на СДСМ кои раководат со овие ресори требало да бидат разрешени во ист ден.

-Станува очигледно дека таблата која СДСМ ја скандализираше и барањето за разрешување на Мизрахи е само обид за дефокусирање на јавноста во ситуација кога Заев и неговата екипа се фатени во криминали, корупција, рекети, сомнителни тендери и слично. СДСМ за да се спасат од одговорноста се подготвени дури и да го прекршуваат и сопствениот договор во корист на Грција. Јавноста гледа и суди. Народот ќе ги казни на 12 април заради лицемерието, погазувањето на достоинството на народот и државата, но и за целиот криминал и корупција кои ги направија во овие три години, рече Ласовска.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.02.2020 - 11:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега