Ѓорѓиев: Со менаџмент етика до подобар квалитет на услугите кон граѓаните и компаниите
Владата на Република Македонија е суштински посветена и работи на унапредување на администрацијата, и тоа во насока на обезбедување на професионална, стручна и способна администрација која ќе е вистински сервис на граѓаните и компаниите, физичките и правните лица, а своите обврски кон нив ќе ги извршува ефикасно и ефективно, изјави денеска владиниот потпарол, Александар Ѓорѓиев.
- На минатата седница Владата одлучи да се стартува со реализација на концептот Менаџмент етика. Во суштината овој концепт Менаџмент етика претставува мобилизација на сите раководни структури во администрацијата, но и на целокупната администрација до секој нејзин член, уште поголемо унапредување на интензитетот на спроведување на реформите во оваа област, унифицирана информираност за мерките, активностите, визиите и целите кои треба или се постигнуваат, се со цел унапредување на квалитетот на услугата која државата ја дава на граѓаните и компаниите. Целокупниот концепт Менаџмент етика ќе започне со реализација со настан во понеделник, каде што премиерот Никола Груевски ќе се обрати пред околу 3000 раководни лица од администрацијата, министри, директори на органи, институции, болници, претпријатија, трговски друштва, членови на управни и надзорни одбори, раководители на сектори во институциите и органите. Настанот ќе се одржи во просториите на Метрополис арена, изјави денеска Ѓорѓиев.
Преку настанот и концептот доаѓа до директна групна средба на Премиерот и владините министри, односно првото ниво на управување и раководење, со второто и третото ниво на извршната власт. Тоа е јасна отвореност и транспарентност, и соодветен начин на споделување на идеите за понатамошен напредок и постигнување на резултати, но и согледување на предизвиците и полињата каде има помал прогрес и интензивирање на реформите во оваа сфера.
- Посебен акцент како што кажува и името на концептот ќе биде ставен на етиката која во својата суштина опфаќа модел на однесување кој нуди продуктивност, ефикасност и ефективност преку примена на најдобри модели за постапување, а покрај другите менаџмент принципи со особен осврт на овие два сегмента. Прво, работата на администрацијата, со фокус на комплетна имплементација на нејзината сервисна ориентираност кон граѓаните и компаниите, на примена на менаџмент принципите доследно, на работа која за граѓаните и компаниите ќе значи помалку трошок во средства и време, побрза услуга и задоволни клиенти.Втор, силно акцентирање на поентите на вредностите, чесност, искреност, посветеност, праведност, законитост во однесувањето, како најдобар гарант за борбата против корупцијата, и алатки за нејзина превенција и сузбивање, истакна Ѓорѓиев.
Самиот концепт Менаџмент етика по основниот настан ќе продолжи да биде развиван по институции, сектори и ресори за да стигне до секој член на администрацијата и тој да биде вклучен во секој процес. Исто така, концептот ќе продолжи да биде развиван на регионално ниво со што ќе се обезбеди и територијална покриеност и опфат.
Уверени сме дека овој нов модел, ќе донесе нови позитивни ефекти чија единствена и крајна цел е задоволен корисник, секое физичко и правно лице, додаде владиниот потпарол.