Четири нови огласи за субвенционирано вработување и кредитирање

 

Агенцијата за вработување на Република Македонија денеска објави четири огласи за вработувања со субвенционирање, но и преку кредитирање на невработени лица и правни субјекти.

Првиот оглас, како што појасни на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, се однесува на вработување со субвенционирање на две категории лица. Првата се лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд како што се корисници на социјална помош, родители на четири или повеќе малолетни деца, лица на возраст од 30 до 49 години, долгорочно невработени....

- Финансиската поддршка за работодавачите кои ќе вработат вакви лица е исплата на бруто плата во износ од 13 илјади денари за едно невработено лице во период од 6 месеци со обврска работодавачот да го задржи на работа дополнителни 12 месеци. Во втората група се ранливи лица како жртви на семејно насилство, бездомни лица, поранешни корисници на дрога, самохрани родители... Финансиската поддршка за нив е 14 илјади денари плус 3.000 денари месечно за партиципација во трошоците за прилагодување на лицето во работниот процес во период од 6 месеци, исто така со обврска работодавачот да го задржи вработениот уште 12 месеци, рече Ристовски.

Вториот оглас е наменет за лица кои имаат статус на деца без родители. За нивно вработување државата ќе ги стимулира работодавачите преку обезбедување плата во висина од минимална плата и тоа 100 отсто во првите 12 месеци, како и 100 проценти плата и 50 проценти придонеси во следните 12 месеци.

- Оние кои се заинтересирани треба да бидат евидентирани како невработени најмалку 1 година или 6 месеци ако се млади до 27 години, корисници на надомест по основ на невработеност или се постари од 55 години. За секое новоотворено работно место ќе се добиваат по 3.000 евра, а ќе се финансираат проекти со кои ќе се отворат најмногу три работни места, рече Ристовски појаснувајќи го третиот оглас.

Четвртиот оглас  е за кредитирање на правни субјекти кои ќе отворат нови работни места. Кредитот што ќе го диобијат е 3.000 евра по едно вработено лице со максимален износ од 9.000 евра за три работни места. Рок на враќање е 2 години, со грејс период од 1 година со каматна стапка од 1 процент.

Пријавите можат да се доставуваат во сите 30 подрачни единици на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

ФОТО:МИА

најчитано сега