Утре нова цена на горивата во Македонија
Согласно правилникот, Регулаторната комисија за енергетика утре ќе ги соопшти новите малопродажни цени на нафтените деривати за македонскиот пазар. Дали од вторник на полноќ ќе возиме поскап или певтин бензин ќе знаеме некаде утре на пладне кога регулаторите ќе ги завршат пресметките за движењето на цената на нафтата на светските берзи и односот на курсот на доларот во однос на денарот.
На светските берзи, цените на нафтата паднаа откако инвеститорите направиja профит, после постигнувањето на договор во САД за подигање лимитот за задолжување.
Сепак и понатаму постои загриженост дека договорот – кој го продолжува рокот за позајмување на владата на САД до 7 февруари – може да биде само привремена мерка и дека проблемите можат да се јават во текот на следните неколку месеци.
Барел американска „лесна“ нафта за испорака во ноември имаше цена на Меркантилната берза во Њујорк од 102 долари, додека нафтата од типот „Брент“ во Лондон поевтини на 110,58 долари за барел.
Со последната своја одлука, Регулаторната комисија изврши намалување на цената на нафтата во просек за 3,5% па така во моментов цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 78,00 денари за литар, додека литар ЕУРОСУПЕР БС-98 се точи за 79,50 денари за литар.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) на бензинските пумпи низ Македонија се продава за 69,50 денари за литар.