Наместо одговори Жерновски постави прашања: „Зошто е празна касата во Центар“

По два дена молк Жерновски проговори. Но наместо одговори на прашањата, кој му нудел мито, тој постави нови прашања.

„Го прашувам ВМРО-ДПМНЕ каде беа и зошто не реагираа на мојата изјава дека касата на најбогатата општина е празна, благодарение на „домаќинското" работење на претходниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ? Зошто не побараа одговорност како е испразнета касата? Зошто не реагираа на изјавите на авторите на скулптурите од „Скопје 2014" дека земале многу помалку пари од она што министерката за култура и поранешниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ го наведоа во таканаречениот отчет? Во чиј џеб се слеа разликата во парите?", стои во соопштението од Општина Центар.

Тој вели дека е свесен дека за време на неговиот мандат ќе биде цел на оркестриран напад од власта и од медиумите под нејзина контрола.

„Од друга страна, истата таа власт мора да разбере дека ништо нема да ме поколеба, бидејќи добив поддршка од граѓаните за да го направиме животот на жителите на Центар подобар и да се справиме со градежната мафија. И се допаѓало или не на власта, и на тие околу неа, сакам уште еднаш јасно да порачам, дека општина Центар нема веќе да биде ничија партиска филијала", додава Жерновски.

Ако ВМРО-ДПМНЕ бара имиња, Жерновски, вели дека секој граѓанин знае дека е илузорно да се очекува дека институциите ќе постапат без дозвола или нарачка од власта.

„Ако сакаа имиња и да постапуваат по нив, нека обелоденат кој е нарачателот и извршителот на случајот „Пустец". Тогаш понудивме и имиња на лица кои пред неколку месеци добија лични карти, и адреси каде се сместени по 60-тина лица, и адреси на станови на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, каде спротивно на Законот беа сместени овие лица. Ниту МВР, ниту судството, ниту обвинителството до сега немаат реагирано", вели Жерновски.

најчитано сега