Утврден дневниот ред на 74. седница

Македонското Собрание попладнево го утврди дневниот ред на 74. седница.

Седницата започна по 11 часот, а на два пати беше прекината поради барање на опозициските пратеници  во знак на протест за пресудата на новинарот Томислав Кежаровски, од 4,6 години затвор.

Координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева на почетокот на второто продолжението на седницата реагираше на барањето на нејзиниот колега Горан Мисовски од НСДП и ги повика пратениците да не ја злоупотребуваат говорницата.

- Би сакала да ги повикам сите пратеници без разлика дали се од опозицијата или од мнозинството да не ја злоупотребуваат говорницата за да се блокира работата на Парламентот со една единствена цел да се меша зкаонодавната со независната судска власт и одлуките што таа ги носи. Со тоа се руши една од основните темелни вредности на Уставот на Република Македонија. Најмногу пратениците треба да го почитуваат Уставот и да не го претвораат Парламентот во судница. Затоа ги повикувам пратениците од опозицијата да не ја блокираат и понатаму работата на Собранието, рече Бонева.

Ивон Величковски од Либералната партија, реагираше во европската пракса имало само два случаи на казнети новинари но никогаш не биле затворска казна. 

 - Тоа е скандалозна одлука, но не можете ниту еден пратеник од опозицијата да го спречите изразувањето на правото на револт, рече Величковски изразувајќи забелешка до спикерот Трајко Вељаноски.

Седницата ќе продолжи по пауза од еден час.

 

 

 

21.10.2013 - 14:34

најчитано сега