Премиерот Груевски: Менаџмент етиката ќе донесе напредок во работата

Претседателот на Владата, Никола Груевски, денеска се обрати пред раководители во јавната администрација  и членови на надзорни и управни одбори и ги објасни предностите на концептот Менаџмент етика кој од денеска официјално започна да се спроведува.

- Најголемата реформа која е потребна е реформата на личниот однос, чуството на лична одговорност, волјата коректно и професионално да се сработи обврската и задачата која произлегува од работносто место, менталната матрица на луѓето, или ако сакате филозофија на размислување и делување во овој исклучително значаен сектор, изјави премиерот Груевски.

Премиерот посочи дека од разговорите кои ги имал со експерти за креирање политики за јавниот сектор, заклучил дека тоа што во понапредните развиени држави е нормално, обичај, или дел од лична култура, кај нас мора да стане дел од закон со строги казнени одредби со цел да не се случуваат работи во јавниот сектор.

- Странските консултанти се вчудоневидени дека постојат или се прашуваат како воопшто сме се сетиле да регулираме со закон превенирање или казнување некоја појава за која во нивните држави никој не се сетил да ја направи, а камоли да ја стави како дел од казнена одредба во закон, и дека таквото однесување е дел од општоприфатените етички норми и општа култура во нивната земја. И не случајно, нашите закони имаат многу повеќе детели, а нивните се многу поопшти, рече Груевски.

Истакна дека јавната администрација постои заради граѓаните и фирмите кои живеат и постојат и работат во државата, а не обратно, па затоа и Владата ќе се труди да подобри некои нешта во државата.

- Може ние во Владата да работиме колку сакаме, но ако потоа на терен тоа не се спроведе соодветно, и најдобрата реформа во било која сфера граѓаните нема да ја почуствуваат, укажа премиерот порачувајќи администрацијата во идниот период во својата работа да се раководат од етичките принципи и својата работа да ја извршува согласно етичките стандарди.

21.10.2013 - 14:51

најчитано сега