Груевски: Администрацијата треба да работи во функција на граѓаните

Претседателот на Владата, Никола Груевски, денеска на промовирањето на новиот концепт Менаџмент етика, пред присутните истакна дека администрацијата работи за граѓаните, а не обратно и дека ако граѓаните се незадоволни, а тоа задоволство е оправдано, тогаш ќе се соочат со проблеми.

- Не заборавјте дека вие сте на тоа работно место или функција само заради и во функција на услугата на граѓаните и фирмите кои се упатени на Вас, законот им наложува да се обратат кај Вас заради некоја услуга која им следува. Ако тие се незадоволни од вас, и ако тоа незадоволство е оправдано, порано или подоцна ќе се соочите со проблем, им порача премиерот Никола Груевски.

Исто така, премиерот од нив побара и кога има некоја пречка, да бидат максимално креативни за нејзиното решавање. 

- Најлесно е, им порача, да се каже не е по закон и пријатно. Во секоја таква ситуација размислете добро, како да се работи за Ваш најблизок човек или за човек од кој Ви зависи работното место, како да му помогнете, кои се можните патишта, начини, варијанти и можности, во рамките на законот најбрзо и најевтино да стигне до целта. Бидете и негов чесен советник секогаш кога можете. Бидете добри луѓе во очите на народот и стопанството. Независно дали сте шефови на сектор, на одделение, референти или раководители на подрачни единици, работете со позитивна енергија и желба секому да помогнете. Нека тоа ви биде мисија. И нека граница ви биде само законот и етичките норми, рече Груевски.

Премиерот побара и кога некој ќе дојде и ќе замоли за информација, да не добие одговор одете лево или десно, туку вработениот да биде тој кој ќе го однесе граѓанинот до потребното место.

 Морате со оние кои се упатени на Ваша помош, да се однесувате крајно љубезно и културно. Независно дали со некој кој бара ваша услуга и помош е со вас приватно скаран или неистомисленик, или ве озборувал или приватно ви нанел некоја штета, вие службено бидете крајно професионални, одговорни и помогнете му. Ако некој направил некаков грев према вас, не му возвраќајте со тоа што и вие ќе направите грев, неправда или ќе покажете ароганција, истакна Груевски.

Според македонскиот премиер, не смее да постои ароганцја ниту повишен тон во комуникацијата со клиентите.

- Не смеете никого да навредите. Какви и да се, тие се луѓето или фирмите заради кои постои вашето работно место и почитувајте го тоа. Граѓанинот, претставникот на некоја фирма, или ајде да го нарекуваме странка, може да е некогаш и нервозен и нељубезен со вас, но Вам тоа не ви дава право на ист начин да му возвратите. Вие сте должни да вложите максимални напори да го разберете неговиот гнев и нервоза, да се ставите во негова кожа, и дури ако не го разберете, повторно, потрудете се да му помогнете. Тоа секој човек посебно ќе го цени одкако ќе помине нервозата, им рече премиерот на присутните одговорни лица од јавната и државната администрација.

21.10.2013 - 15:04

најчитано сега