Груевски: Чувајте си го образот - не подлегнувајте под притисоци и работете по закон

Премиерот Груевски денеска на промовирањето на концептот Менаџмент Етика, порача да не се подлегнува на притисоци од било кого во однос на нечесно, неетичко или незаконско работење.

- Кој и да ве заплашува држете се до законот и моралните и етички вредности. Секогаш ќе бидете на правата страна, и секогаш тоа ќе ви се исплати. Независно дали притисокот ви го врши моќен бизнисмен, политичар, или било кој, не попуштајте, работете професионално, и соодветно постапете со пријава согласно законите ако сте предмет на притисок, мобинг или закана, изјави премиерот.

Претседателот на Владата нагласи дека ова важи и за наставниците, и за родителите, и за институциите.

- Ова важи и за оние на кои некој ќе се повика на нечие име. На мое на пример, или на министер или директор, или вашиот шеф, или слично. Има такви луѓе кои независно кој е на власт, имаат неверојатна дарба да заплашат некого убедувајки го дека се многу блиски со некого кој има голема моќ. Ако некој Ви каже или ве уцени со зборовите сега ќе му се јавам на премиерот па ќе видиш, или на тој и тој министер или директор, постапете исто како да не ви го рекол тоа. Ве уверувам дека или нема да ми се јави што е најверојатно, или во случај на некој начин да дојде до мене или до министер или директор, никого нема да земеме здраво за готово додека не се чујат двете страни и добро не се истражи случајот, при што ако сте постапиле правилно и законски не само што нема да сте казнети, туку истрајноста и професионалноста и ќе се награди, порано или подоцна, појасни Груевски.

- Независно на која партија припаѓате или за кого сте гласале. Независно кој Ви е роднина, или сопруг или сопруга, чичко или вујко, комшија или близок пријател. Чувајте си го образот, и не само тоа: секој обид за поткуп пријавете го во соодветните институции без колебање и одлагање, рече Груевски.

Побара  да не премолчуваат кога гледаат корупција, или незаконско и неетичко работење. Со секое премолчување, укажа, вие сте соучесник и со тоа правите штета некому, но и на државата.

- Секаде каде ќе забележете неправилност во работењето, во смисла незаконско работење, некој некому да дава нечесни привилегии, или слично, не молчете и не се правете дека не сте виделе. Пријавете и борете се против тоа. Колку повеќе така постапуваме толку повеќе ќе имаме поправична и посилна држава. Ако некој ве нарече кодош, знајте дека не сте кодош ако сте спречиле или пријавиле корумпирано и криминлно работење. Вие сте херој, а не кодош, наведе премиерот и додаде дека во таква ситуација би било неетично немото гледање. 

21.10.2013 - 15:32

најчитано сега