Јовановски: Црвенковски не си поднесе оставка

„Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, нема поднесено оставка. Тој има само најавено дека нема да се кандидира и нема да прифати кандидатура за претседател на партијата во наредниот четиригодишен период, оти му завршува овој период за кој што беше избран“ Потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, кој атакува на позицијата на Црвенковски денеска потврди дека стариот лидер се уште ја води партијата. 
Сепак, извори од СДСМ немаат дилема дека Црвенковски ќе си замине од лидерската позиција и дека подготвките за конгресот се сериозни, а кандидатите за претседател навистина ќе добијат можност да ја водат партијата. 
Но, познавачите на состојбите на Бихаќка сметаат дека и доколку Црвенковски се реши да се повлече од партијата, под знак прашалник е колку во СДСМ има капацитет да се организираат регуларни избори, особено ако се има предвид дека  Конгресот е под силно влијание на вечниот лидер.

„ Ќе одлучуваат делегати што не се избор на членовите на локално ниво, туку се диригирани од централата по налог на Црвенковски. Тоа се цели негови семејства, плус нивните соседи, нивните пријатели од младоста...“ - вели поранешниот претседател на СДСМ, Владо Бучковски во изјава за Дневник.  

Додека се подготвува Конгресот, како најстрога тајна се чува спиокот со делегати кои ќе треба да го изберат новиот лидер на СДСМ. Press24 денеска се обиде да ги контактира кандидатите за претседател на СДСМ, Зоран Заев и Игор Ивановски но тие не одговараа на телефонските повици па останува прашањето, дали се согласуваат списокот со делегати да биде тајна или пак го делат ставот на нивниот конкурент, Кире Наумов, кој во повеќе наврати побара, увид во списокот со луѓе кои ќе решаваат за новиот лидер. 

„Токму од причина да се избегнат сите шпекулации кои што кружат во јавноста за делегатите на конгресот, а кои можат да фрлат сомнеж на постапката за избор на претседател на СДСМ, барав јавно да биде објавен составот на Конгресот. Сметам дека кога останатите органи на СДСМ, согласно Статутот, Претседател, Централен Одбор и  Надзорниот одбор се јавно објавени на веб страната на СДСМ, не гледам ни една причина зошто и највисокиот орган-Конгресот да не биде објавен на истиот начин. Сепак се надевам дека со одлуката на кадровската комисија за утврдување на потесната листа на кандидати за претседател на Сдсм, ќе биде објавен и составот на Конгресот“ - рече Кире Наумов.

За аналитичарите нема дилема дека Црвенковски ќе го има клучниот збор пред овој делегатски состав, избран уште во 2011 година. Според нив и доколку Црвековски реши да си замине тоа ќе биде само формално, бидејќи пред овие делегати има отворен простор за влијание, па оттука, доколку работите останат непроменети, тој сам ќе го избере новиот лидер што ќе му остави простор од позадина повторно да владее во СДСМ.

А.С.