Пејачот Благоја Грујовски за Драган Вучиќ: Добиваше критики и од некои „паметни” кои не го познаваа и кои немаат ништо зад себе, ни пред себе

 

Познатиот водител Драган Вучиќ почина вчера на Клиниката за инфективни болести од коронавирус. Веста за неговата смрт ја потресе македонската јавност, а многумина негови блиски пријатели од јавната сцена одлучија да се збогуваат од него и да му оддадат почит преку социјалните мрежи.

Пејачот Благоја Грујовски напиша статус за него.

„Денеска ја дознавме тажната вест за смртта на нашиот колега и пријател Драган Вучиќ.

Чувствувам потреба да кажам неколку реченици за него за оние што не го познаваа доволно.
Естрадата ќе го памети како еден од најхаризматичните ликови во браншата.
Беше еден од најдобрите басисти на овие простори во 80те и 90те,пример за многу млади музичари. Во неговите големи раце басот беше како играчка со која правеше сѐ што ќе замисли. Беше лидер на две врвни популарни групи од тоа време – Тавче Гравче и Кода. Уште тогаш се препознаваа неговите организаторски и промотерски вештини.
Потоа имаше успешна соло кариера, а создаде и неколку незаборавни фолк и поп хитови.
Музичката дарба ја наследи од неговиот татко Миле Вучиќ исто така познат естраден музичар. Беше зет на легендарниот Пеце Атанасовски кој го воведе во македонската изворна музика. Неговиот талент го наследи синот Мартин Вучиќ.
Поновите генерации го знаат главно како водител на голем број телевизиски шоу програми. Драган имаше интелигенција и непогрешлива интуиција да го препознае интересот на широката публика на која ѝ се обраќаше. Тоа му донесе успех, но и критики и од некои “паметни” кои не го познаваа и кои немаат ништо зад себе ни пред себе.
Драган соработуваше со сите естрадни уметници без дискриминација затоа што ја познаваше многу добро областа од која и самиот потекна.
Стекна реноме и почит надвор од Македонија.
Во неговите програми продефилира кремот на екс ју естрадата.
Имав доста соработка со него, заеднички настапи и гостување во секое негово шоу.
Ќе го запаметиме како извонреден човек, музичар, автор и шоумен.
Нека почива во мир. Длабоко сочувство до семејството“, напиша Грујовски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.05.2020 - 08:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега