Се огласи сопругата на Вучиќ: Премногу е болно за мене, шокот, тагата и празнината нема да стивнат
Драган имаше благо покачена температура три – четири дена. Со оглед на пандемијата на Ковид 19, решивме дека треба да се тестира, да бидеме на сигурно со дијагнозата. Тестот за жал, беше позитивен, вели Весна Вучиќ за Фокус.
- Кога температурата започна да надминува над 38,5 степени, тој беше префрлен на Инфективната клиника во Скопје. Во меѓувреме, и јас се тестирав, иако немав симптоми. И мојот тест се покажа позитивен на вирусот. Ја започнавме нашата битка со новиот и недоволно познат непријател, со вирус кој е доста сериозен и не смее да се потценува неговата моќ.
Драган добиваше кислородна поддршка на клиниката, јас престојував дома, се слушавме телефонски, си разменувавме пораки. По една недела на клиника, тој ја изгуби битката, почина од компликации од вирусот. Не можам да зборувам за нашиот последен разговор, за последната СМС порака…
Премногу е болно за мене, и јасно ми е дека по првичниот шок, тагата и празнината нема да стивнат. Сепак, сакам од се срце да се заблагодарам на целиот медицински тим, на таа неверојатна посветеност и грижа која што му беше пружена на мојот сопруг во тој период.
Лавовски, буквално гинеа за доброто на пациентите, правеа се што е во нивна можност. Болеста излезе посилна од лекарските напори, Драган ни се излизга помеѓу прстите – вели Весна за Фокус.
Дента по погребот на кој не можела да присуствува и нејзе и се влошила состојбата.
-Тој ден мојата состојба се влоши, ми се појавија проблеми со дишењето. Бев префрлена на клиника, каде лекарите и целиот медицински персонал ми ја даде потребната нега, но и поддршка која ми беше потребна во тој период.
Останав на клиниката седум дена, состојбата ми се подобри значително откако добив плазма од пациент излекуван од Ковид 19, и по два негативни теста бев пуштена дома.
Пропишана ми беше 14 – дневна изолација, и сум во добра здравствена состојба. Физички добро, но емотивно скршено – раскажува Весна.
Вели дека според неа, токму донираната крвна плазма од анонимен пациент излекуван од вирусот и помогнала да закрепне. Затоа, апелира до сите кои го прележале вирусот, да не се двоумат, туку да станат донори.
-Излекуваните лица можат да ги спасат животите на оние кои се борат со овој страшен и опасен вирус. Од срце им упатувам порака да донираат кр вна плазма, да не чекаат. Мора сите да се обединиме во ова зло, да бидеме солидарни, оти болеста не избира, секој може да биде следниот.
Не е важно кој е популарен или анонимен, секој човечки живот исто вреди, мора да се покаже заедништво во ова зло кое се надвисна над човештвото. Таа солидарност, таа ситуација кога сме исти во болката, најдобро се гледаше на Инфективната клиника каде што престојував. Во исто време, таму беше сместена млада жена од Липково, Аида, која беше позитивна на вирусот, а го очекуваше раѓањето на своето бебе. Исто така и Елена, и таа позитивна, со штотуку родено бебе, кое за среќа беше негативно.
Тие беа толку грижливи кон мене, јасно им беше низ што минувам, бидејќи го изгубив сопругот, и покрај нивните грижи со болеста, сепак покажаа една неверојатна човечност кон мене. Сите сме еднакви и мораме да си пружиме рака, тоа е она кое оваа болест ни го испиша помеѓу редови – вели Весна…”
,,…Драго ми што тој беше мој сопруг, татко на нашиот син. Благодарна сум му што ми го даде Мартин. Благодарна сум му за сите овие години, за поддршката и љубовта, за сигурноста која што ми ја пружи. За оние кои го познаваа, тој беше стожер на семејството, бевме многу приврзани и секогаш знаеше да каже
– Првин семејството, потоа работата. Така и беше, јас и Мартин ја имавме привилегијата да живееме покрај таков голем човек. Исто така, Драган започна да работи уште на свои 15 години. Со музика заработуваше, потоа и со емисиите, тој секогаш успеваше да ја оствари таа врска со народот, да биде актуелен со своите теми, да ги насмее луѓето, да им остави дел од себе во секое свое дело, песна, емисија…
Остануваат спомените, 25 години телевизиски придонес, многу убави песни, пријателства. За него сите луѓе беа исти, токму поради тоа и куќата секогаш ни беше полна со народ, знаеше дури и кога мајстор ќе ни дојде да поправи нешто, со часови да разврзе муабет со кафето, како да се знаат го години. Со него секој разговор течеше лесно, животот беше убав – се сеќава Весна…”
Целиот текст прочитајте го на фокус.мк
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа