Петар Богојески: Ние Македонците, конечно ќе си го исполниме сонот за Обединета Македонија во Обединета Европа!

 

Бугарија ќе мора да ја прифати новата реалност и да се помири со фактот дека постои независна македонска држава, да пристапи искрено во градењето на пријателство, а двете држави да ги напуштат концептите на предрасуди, наследени од претходните режими. Што се однесува до објективизацијата на историјата, тоа треба да биде внатрешен процес на Македонија, а не наметнат од страна. Вака некако сумирано, Петар Богојески, политичар и предводник на „Македонски концепт“, ја дефинира рамката во која треба да се движат македонско-бугарските односи, ако се сака да се постигне искрен пристап на добрососедство и пријателство на две рамноправни држави. Во интервју за Прес24, оценува дека многу постапки на официјална Софија изминатиов период, не водат кон тоа. 

-Извинете, но мојата кауза ниту започнала во 1944/5 година, ниту тогаш завршила. Таа трае до ден денес, таа е жива во сите нас, а додека е жива македонската кауза во нас, до тогаш ќе биде жива Македонија. Во Бугарија живеат повеќе од два милиони Македонци, повеќе од колку во Македонија, ние сме браќа и сестри, сите сме чеда на Македонија, јас имам и изгубен контакт со мои роднини од Крушево, кои спас нашле во Софија после Илинденското востание, се ни е јасно, но мораме да гледаме напред, кон мирен соживот и пријателство. Ние ќе бидеме заедно во ЕУ, ќе си помагаме и соработуваме и заедно со сите балкански нации, ќе се бориме за балканските интереси во големата Обединета Европа. А ние Македонците, конечно ќе си го исполниме сонот за Обединета Македонија во Обединета Европа, со целосно почитување на територијалниот интегритет на нашите соседи. Што било, поминало, ајде да видиме, да направиме да дојде поубаво време за сите нас балканците, вели Богојески во интервјуто за Прес24.

- Главниот проблем се некои луѓе во Софија, кои конечно треба да се помират со фактот дека постои независна Македонија, онаа која тие ја задушија во 1944/5 година, под московска комада. Мора да го разберат нашиот вековен стремеж за самостојна држава, надвор од границите на останатите балкански држави. Кога со тоа ќе се помират, кога ќе разберат дека нашата независност од 1991 година, не беше само една етапа од отцепување од Србија, со цел да се припоиме кон Бугарија, туку напротив, со цел да опстанеме како независна Македонија низ вековите, тогаш се ќе биде лесно. Еве ја користам приликата, почитувани граѓани на Бугарија, помирете се со фактот дека постои независна Македонија. Идеалот на ВМРО е исполнет, темелот на државноста е каузата на Организацијата, а Бугарија нема право од нас да бара да се откажеме од тој идеал. Со тоа дирекно ја руши нашата државност, за која постојано и постојано повторуваат дека први ја признале, дополнува Богојески.

Потенцира дека во Македонија постои огромна бугарофобија, без оправдана причина и треба да се напушти омразата, кон било кој наш сосед.

- Јас мислам дека објективизацијата на историјата може да биде само внатрешен процес во македонското општество, како резултат на вистинска длабока демократизација, а никако под надворешен притисок. Тоа си е наш македонски внатрешен проблем. Бугарија воопшто не е засегната од тоа што ние Македонците мислиме по некои прашања. Ако започне процесот на европеизација, секако неминовно полесно ќе помине процесот на објективизација на историјата на двете држави, вели Богојески.

Уникатна е пораката која ја испраќа до Бугарија во две реченици:

- Прво Бугарија да објасни зошто спречи создавање на независна македонска држава за време на ВСБ, а после тој одговор, се ќе биде лесно! Тука лежи зајакот! Проблемот е каква Македонија сакаме во ЕУ? Со тоа Бугарија нема расчистено. Нивната максима „Една држава, еден народ, еден Цар“ за нас никогаш не била прифатлива. Нашата максима е „Македонија на Македонците“. Судирот помеѓу тие два концепти, настанал многу одамна, уште пред 150 години. Тој е актуелен и денес. Тоа е проблемот, визијата за иднината. Не е проблем минатото и историјата. Ние решението го имаме. Секако и ќе го публикуваме во даден момент. 

Петар Богојески, кој го формираше блокот на реформисти во ВМРО-ДПМНЕ, на претстојните избори ќе учествува со граѓански листи, поддржани од СДУ - Скопје како политичка партија. Не гледа ништо спорно во тоа и смета дека не е марионета на власта во улога на одземање гласови од ВМРО-ДПМНЕ, процес што неговата партија го правеше своевремено со СДПМ.

- Мислам дека Македонски концепт има многу маани, но да не обвинуваат за било каква игра на СДСМ или да поистоветуваат со СДПМ е повеќе од смешно. Јас сум човек од Републичкиот штаб на ВМРО ДПМНЕ, од тоа време и се ми е многу јасно. Само има сериозна разлика, јас не сум баба Рада Шеќерова, туку Петар Богојески со сопствен идеолошки идентитет и личен интегритет, докажан низ годините. Кај мене не поминуваат приказни од Баба Шеќерова, Јанис Макрис и сл. Секако и соработката помеѓу Македонски концепт и СДУ – Скопје, не помислува да биде СДПМ шема. Каде гледате вие носители на листи како баба Шеќерова? Веројатно за да бидеме шема СДСМ – СДПМ, требаше да избереме некоја партија со предзнак ВМРО, па да биде шема ВМРО ДПМНЕ – ВМРО некоја?!? Нели? Јас сум носител на првата изборна единица, а од ВМРО ДПМНЕ е Гордана Силјановска Давкова. Дали тоа ви делува идентично? Петар и Гордана? Не верувам дека било кој граѓанин не прави разлика помеѓу двете имиња. Многу ја почитувам госпоѓата Гордана Силјановска, но јас сум човек со личен идеолошки идентитет, човек кој цел живот е носител на една Кауза, а таа е човек без идеолошки идентитет, која променила повеќе политички партии и без јасна перспектива за иднината, вели Петар Богојески во интервју за Прес24. 

Во интервјуто тој зборува и за односите со ВМРО-ДПМНЕ, релациите со Христијан Мицкоски, како и за „Македонски концепт“, за кој вели дека е понуда наспроти мафијата во државата.

-Ние сме прва и единствена опција на граѓаните, втората опција е мафијата. Граѓаните против мафијата, вели Петар Богојески во интервју за Прес24

ПРЕС24: Здравствената криза во државата, полека но сигурно се трансфомира во политичка. Дали тоа што две лидерски средби поминаа без резултат, навестува можност за подолг кризен период на политички план?

БОГОЈЕСКИ: На почеток да се заблагодарам на сите наши лекари, медицински персонал, полиција и армија, пожарникари, новинари, службеници, граѓански активисти, за успешното справување со пандемијата. Секако останува уште многу да се направи, особено да се трансформира дерогираниот здравствен систем, кој на сред криза ги покажа своите слабости, што е сосема нормално. Во врска со политичката криза, имам чувство дека таа е намерно генерирана со цел да предизвика продолжување на негативниот тренд во економијата. Знаете дека секоја криза, особено политичка дестабилизација на земјата, има страшни последици врз економскиот развој. Во таа насока и оваа нова „продолжена криза“, со крајна цел да се дојде или да се остане до/на власт. Срамно е тоа поведение, каде не се води грижа за државниот интерес, само за личниот и партискиот, а желбата за власт е толку изразена, што едноставно самата по себе е пречка, за да се исполни. Сепак Македонија не заслужува ваков однос, вакво слепило на политичките лидери, кои единствено што направија, е што се договорија да не се договорат. Можеби е право време граѓаните да земат решение за промена на политичкото лидерство во земјава и да ја освежат политичката сцена. 

ПРЕС24: Ќе бидат ли легитимни избори кои би ги бојкотирала ВМРО-ДПМНЕ?

БОГОЈЕСКИ: Апсолутно да! Има огромен број чинители на политичката сцена и различна понуда на гласачкото ливче, секако и на ВМРО ДПМНЕ, а отсуството на една партија од кампањата, не значи нелегитимни избори. ВМРО ДПМНЕ и онака е застапена преку СДСМ, зашто тие две партии се едно исто. Јас често нагласувам дека господин Заев го води СДСМ 1, а господин Мицкоски го води СДСМ 2. Нема голема разлика. За која и да гласате од тие две опции, нема ништо да се промени. Ако ВМРО ДПМНЕ е отсутна од кампањата, тука е СДСМ да ги надополни. Тие се сестри близначки од една мајка – мафијата. 

ПРЕС24: Вие сте подготвени за избори во јуни?

БОГОЈЕСКИ: Ние сме прва и единствена опција на граѓаните, втората опција е мафијата. Граѓаните против мафијата. Секако дека сме подготвени. До сега направивме доволно на планот на понудата, а за време на кампањата ќе се обидеме да бидеме толку иновативни и оригинални, што граѓаните за прв пат ќе забележат разлика помеѓу политичките актери. Нашите граѓански листи, поддржани со кандидатура од политичката партија СДУ - Скопје, се доволно добра понуда во овој момент, граѓаните да имаат алтернатива на она кое го гледаме последниве 30 години. Редно е да дојде до освежување на политичката сцена и да се осети разликата помеѓу партиски и народни пратеници. Ако ние добиеме доверба, ќе бидеме пратеници на народот. Многу важно е да го реализираме проектот „Пратеници – волонтери“, кои остануваат во средината од која доаѓаат и после изборот за пратеник.

ПРЕС24: Кога сме кај ВМРО-ДПМНЕ, Вие сте се уште член на партијата, на избори одите со движење наречено „Македонски концепт“, а користите печат за листи на СДУ – Скопје, тоа е партијата на Лазе Еленовски... Малку ми е нејасна оваа ситуација?

БОГОЈЕСКИ: Многу е едноставно. Јас моето членство во ВМРО ДПМНЕ го ставив во мирување, од причина што партијата целосно ја напушти идеолошката матрица, поради која јас бев активен член. Јас сум со истата идеологија во себе, но партијата се самоуништи до непрепознавање. ВМРО е заробено од палатистите. Таму остана да управува истата екипа, предводена од господата Груевски, Мијалков и Протугер. Христијан е само подизведувач. Се обидов да му помогнам да се ослободи од тоа заложништво, очигледно беше дека тој ужива во тоа друштво. Негова одлука, негов проблем. Ако на нив им поверував во 2005/6 година и ако им помогнав во Преродбата, со која мислев дека навистина ќе правиме нормална држава, немам намера на истите луѓе, кои направија огромен зулум во државата, повторно да ги враќам на власт, за да продолжат со истото. Обновата на Македонија е обнова на бандитизмот, извинете, но не можам во тоа да учествувам. Не ми дава совеста и одговорноста кон мојата татковина и моите деца. Но не останав со скрстени раце. Ако ова кое го говорам, сум го констатирал, а останев да седам дома, тоа ќе беше срамно. Јас излегов во битка и се нафатив преку иновативната граѓанска патформа Македонски концепт, да понудам различна опција од онаа на мафијата. Ние не сакаме Македонски концепт да биде политичка партија, туку граѓанска платформа за промоција на иновативни решенија за проблемите на нашите граѓани. За да кандидираме граѓански листи, потребна е поддршка од политички партии или собирање на потписи. Повикавме повеќе политички партии да го поддржат нашиот концепт. Се појавија на разговори доста од нив. До последен момент на поднесување на листите на кандидати за пратеници, повеќе политички партии беа согласни да бидат дел од една широка коалиција. Тоа се распадна, покажувајќи ја целосната расипаност на политичката сцена во земјава. Не сакам да говорам за детали. Само ќе кажам дека разговаравме со осум политички партии за поддршка на нашите целосно независни, граѓански листи. Некои партии бараа да настапиме во коалиција, со мешани листи и носители на листи, под нивно водство; други партии не ги поддржаа нашите антикорупциски и антимафијашки мерки, бараа да се откажеме од тие проекти; трети побараа да се откажеме од интеграцијата во ЕУ; четврти одлучија да не учествуваат на овие избори и слично. Само СДУ - Скопје се согласи безусловно да ги поддржи граѓанските листи на Македонски концепт, без да учествува во нив, без да го наметнува партискиот идентитет, целосно се согласни со ЕУ интеграцијата и со сите антикорупциски мерки од нашата програма! Благодариме за тоа! Никогаш не спроведовме постапка за собирање на потписи, од причина што беше договорено формирање на Коалиција “За Нормална држава”! На три дена пред крајниот рок, една од партиите, која беше во договорот, се одлучи да нè уценува со учество на нејзини членови во граѓанските листи и со наметнување на нивниот партиски идентитет! Се разбира дека веднаш беше отфрлена таа можност, по цена да не учествуваме на изборите! За само три дена, после отворената поддршка на целосно независни, граѓански листи од страна на СДУ - Скопје, листите ги подготвивме и ги доставивме во ДИК! Тоа е партија која е силно проНАТО и проЕУ ориентирана, евро-оптимист од самото формирање, со што е целосно компатибилна со нашата главна идеолошка определба – европеизација на Македонија. Јас господинот Лазе Еленовски не сум го сретнал повеќе од десет години. Ние имаме супер соработка со господинот Чедо Николовски, претседател на СДУ - Скопје, кој не беше во можност да биде јавно експониран поради здравствени причини. Сè друго што се споделува преку лажни профили и бот центри на големите партиски коалиции и преку нивни платенички портали – се лажни вести! Се разбира, зад таа црна кампања застанаа и бандитиите на кои не им одговара појавата на Македонски концепт! Убедени во нашата идеја и со чиста совест, продолжуваме напред, на избирачите да им понудиме антимафијашка и нормална опција! Никогаш нема да прифатиме да бидеме во нивни раце и да бидеме глумци на политичка сцена! Само искрено и посветено ќе се избориме ЗА НОРМАЛНА ДРЖАВА! Очекуваме граѓаните да ја препознаат нашата различност, а тоа е пред сè ставот дека моќта треба да се управува, не да се злоупотребува. Дефинитивно не може ништо од програмата да се направи, без сериозна политичка моќ. Јас можам вака да си зборувам и да си давам интервјуа колку сакам, ама ако граѓаните не ни дадат легитимитет и политичка власт да го споведеме на дело, ова што го говорам, ништо од тоа. Токму поради тоа сме во политиката и бараме доверба. Лично јас, што барам тука кога веќе се имам? Само со мал број на пратеници, ќе им покажеме на граѓаните колку многу може да се направи. Екстремно многу. Ќе се изненадат граѓаните што значи да имаат вистински народни пратеници, кои не се под контрола на мафијата. Со малку доверба, ќе направиме премногу. Следни избори, веројатно во 2022 година, ќе биде бранот на поголема доверба, после нашето докажување на дело оваа година. Граѓаните не веруваат, се сомневаат. Во ред. Во право се. Премногу излажани, изневерени, понижени, ограбени. Бизнисот е масакриран од мафијашките уцени и закани. Буквално цели бизниси, создавани со личен чесен труд од бизнисмените, под услови на закани и уцени, беа преземани од страна на мафијата. Знам дека е тешко да ни поверуваат и граѓаните и бизнисот. Но нивно е да одлучат дали ќе се обидат нешто да променат од тоа што е веќе видено 30 години наназад. Исти политички елити, во демек различни политички партии, под контрола на истата мафија, го пљачкосуваат народот и чесниот бизнис. Време е за одлука. Јас никого не молам, ниту пак инсистирам на нешто. Мое е да понудам и да ја кажам вистината, вака јавно. Секако за ова ќе имам последици и имам што да изгубам. Но, се одлучив да кажам и да понудам. Не молам и не инсистирам. Не мора за нас да гласат. Ако им веруваат на постоечките политички елити, ги молам за нив да си гласаат. Ако веруваат дека господин Заев ќе им донесе правда, а господин Мицковски ќе им донесе некаква си национална гордост, нека гласаат за нив двајца. И да си продолжат по старо. Граѓаните одлучуваат.

ПРЕС24: Многумина приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Вашата улога на овие  избори е идентична со она што го правеше ВМРО-ДПМНЕ во минатото до СДПМ, се сеќавате на баба Рада Шекеровска... ?

БОГОЈЕСКИ: Се сеќавам секако. Јас сум човек од Републичкиот штаб на ВМРО ДПМНЕ од тоа време и се ми е многу јасно. Само има сериозна разлика, јас не сум баба Рада Шеќерова, туку Петар Богојески со сопствен идеолошки идентитет и личен интегритет, докажан низ годините. Кај мене не поминуваат приказни од Баба Шеќерова, Јанис Макрис и сл. Секако и соработката помеѓу Македонски концепт и СДУ - Скопје не помислува да биде СДПМ шема. Каде гледате вие носители на листи како баба Шеќерова? Веројатно за да бидеме шема СДСМ – СДПМ, требаше да избереме некоја партија со предзнак ВМРО, па да биде шема ВМРО ДПМНЕ – ВМРО некоја?!? Нели? Јас сум носител на првата изборна единица, а од ВМРО ДПМНЕ е Гордана Силјановска Давкова. Дали тоа ви делува идентично? Петар и Гордана? Не верувам дека било кој граѓанин не прави разлика помеѓу двете имиња. Многу ја почитувам госпоѓата Гордана Силјановска, но јас сум човек со личен идеолошки идентитет, човек кој цел живот е носител на една Кауза, а таа е човек без идеолошки идентитет, која променила повеќе политички партии и без јасна перспектива за иднината. Таа од министерка во Влада на Бранко Црвенковски, заврши на листа на Обновата на бандитизмот. Многу поразително. Од личен аспект, јас и професорката немаме проблеми, кај неа на комисија сум бранел докторски тези, се е во ред, но професорката не е иднината на оваа земја. Време е за нови, свежи лица во политиката. Исто во втората изборна единица. Таму наш носител е професорката Снежана Костадиноска Милошеска, а од Обновата на бандитизмот е господинот Владо Мисајловски, познат како дечкото со спомениците од Скопје 2014. Каде гледате тука СДПМ поведение? Во третата изборна единица наш носител е професорот Војо Беловски, а од Обновата на бандитизмот е господинот Игор Јанушев, познат како дечкото со кинеските автобуси. Во четвртата изборна единица, наш кандидат е господинот Жарко Бошкоски, човек од градот Прилеп, човек од тој регион, а од Обновата на бандитизмот е господинот Александар Николовски, родум од Охрид, а живее во Скопје. Каде гледате тука Баба Шеќерова? Во петата изборна единица, наш носител е господинот Стево Насковски, човек во кое природно живее идеалот на ВМРО и херојската епопеја на битолскиот револуционерен округ, а од страна на Обновата на бандитизмот е господинот Игор Дурловски, познат како патриотот по нарачка од палатата, дополнително мотивиран со асиметричен патриотски метод. Баба лаже, трап не лаже, кажал нашиот народ. Еве немаме ниту едно име, слично помеѓу нашите кандидати и оние на Обновата на бандитизмот. Мислам дека Македонски концепт има многу маани, но да не обвинуваат за било каква игра на СДСМ или да поистоветуваат со СДПМ е повеќе од смешно. 

ПРЕС24: Многупати зборувате за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, добивте и шанса со Мицкоски кога стана лидер, но ништо од тоа. Какво реформирано ВМРО-ДПМНЕ, сакате Вие?

БОГОЈЕСКИ: Јас сакам реформирана, европеизирана, демократизирана Македонија. Заврши епизодата на реформирано ВМРО ДПМНЕ. Го пензиониравме господин Груевски, барем официјално, ја куртуливме Македонија од тој јарем, но за жал не го ослободивме ВМРО од мермерната палата. Причините за тоа се многу, има вина и кај сите нас, секако и кај мене, јас никогаш не бегам од одговорност, но реформаторите се мои соборци и никогаш, па ни тогаш, нема да кажам било кој лош збор за луѓето, кои се охрабрија да застанеме рамо до рамо и да се спротиставиме на мафијашкиот поредок во нашата партија во тоа време. Се собравме млади активисти, направивме дело со кое ќе се гордееме до крајот на нашите животи. Се надевам и после нас, генерациите кои доаѓаат на политичката сцена, ќе се огледаат на нас и ќе направат многу повеќе од нас во таа епизода, од серијата наречена демократизација на политичкиот живот на современата македонска Република. 

Господинот Мицкоски стана лидер благодарение само на нас. Не тој на нас, туку ние на него му дадовме шанса, а тој ја злоупотреби, што зборува за него, а не за нас. Ако ние донесевме одлука да не учествуваме на Конгресот во Валандово, тој конгрес немаше да има доволно кворум да одлучува, а Мицкоски се уште ќе сонуваше да биде претседател. Тогаш така одлучивме поради неколку фактори. Еден беше разумен, тоа е да помогнеме да се стабилизира партијата и да се формира силна опозиција, со цел да се гарантира демократскиот развој на нашата татковина. На Мицкоски му беше дадено се на тацна, полна поддршка и доверба. Тој ја изневери подадената рака, ја предаде реформата, одлучи да остане измеќар на груевизмот. Нека му е со среќа. Тоа си е негова одлука. Негова одговорност. Јас на сите им посакувам се најдобро. Немам никаква лична забелешка, ниту пизма, а со Мицкоски на личен план немаме никакво недоразбирање. Едноставно во политиката, патиштата се разделуваат, сосема природно. Јас сум идеалист, роб на македонската Кауза, тој е материјалист, роб на мермерната палата. Секој по свој пат.  

ПРЕС24: Но, ако се погледне базата на таа партија, нејзиното структурно членство, тогаш тоа што Вие го зборувате е невозможна мисија. Тој концепт на функционирање на ВМРО-ДПМНЕ едностано е вктаен во размислувањето на нејзиното членство?

БОГОЈЕСКИ: Јас немам ништо против членовите на партијата. Тие се мои пријатели и илјадници од нив го поддржуваат Македонски концепт. Секако на овие избори ќе гласаат за број 10, затоа што Македонски концепт се базира на реалната македонска Кауза, а не ја поддржуваат мисијата на палатистите за Обнова на бандитизмот. Таа структура која ја создаде Груевски и која функционира на база на пизма и омраза, себеизолираност и зачмаеност, сето тоа ќе се распадне како кула од карти, после тешкиот пораз кој ќе го доживеат на овие предвремени парламентарни избори 2020 година. Едноставно македонскиот граѓанин не може да подржи Обнова на бандитизам. Никој нормален човек, кој има доволно сознанија, не би гласал за тоа. Јас жалам, но господинот Мицкоски нема да биде премиер на државава, ниту пак некој палатист – клиентелист ќе добие функција, со која се опседнати. Политички функции се потребни за да се служи на народот, а не народот да служи на функционерите. Тоа е сериозна разлика во поведението помеѓу нас, граѓанските активисти од Македонски концепт и политикантите од политичките партии. 

ПРЕС24: Еве на пример. Вие сте поддржувач на Договорот за добрососедство со Бугарија, членството на партијата е дијаметрално против. За Договорот од Преспа и да не зборуваме?

БОГОЈЕСКИ: Членството на ВМРО ДПМНЕ е жртва на четничкиот концепт, кој го генерира мермерната палата. Груевизмот е хибридна антиидеолошка матрица од онаа на ВМРО. Членовите не се виновни. Како ќе ги насочиш тие луѓе, така ќе се однесуваат. Вината е во лидерството. Мицкоски нема храброст да биде лидер, тоа до сега го докажа сто пати. Избега од сите битки за Македонија. За време на Референдумот беше трагикомично неговото однесување. Тој го признава Бугарскиот договор, кога е седнат на ученичка клупа да одговара пред „даскалот“ Бојко Борисов, а кога оди низ општинските комитети на партијата, тогаш е храбар чувар на Гоце Делчев и против сите договори. Исто и со Преспанскиот договор, кога е на состаноци на ЕНП, тој е прв „преспанист“. И сето тоа е во ред, но доколку човекот има барем еден јасен став. Еве нека каже дефинитивно на што е, па така и членовите на таа партија ќе се насочат. Он нема став. Он се плаши од став. Он дозволи промена на името Македонија, без да даде алтернативна солуција или без да учествува во преговорите и таму да ги брани македонските позиции. Во ред, СДСМ знаеме дека не знаат да бранат национални позиции, но каде беше Мицкоски да ги одбрани? Јас тогаш му зборував со часови за потребата да се вклучиме итно во преговорите, да ги засилиме македонските позиции и сите заедно, и ние и СДСМ да постигнеме подобар договор, подобро решение за Македонија. Мицкоски избега од предизвикот. Само личните калкулации му беа во главата. Мицкоски одби да и помогне на Македонија, само власта му беше во мислите. Со тоа премногу ме разочара. Ако помогневме, народот тоа ќе го препознаеше и денес тој, а не јас, ќе беше премиер на земјава. Затоа одлучив сам да се активирам и да предводам кампања „Гласот против е глас за Македонија“. Објавив низа критики за квалитетот и номотехниката на двата договори, и бугарскиот и грчкиот, но сам можев толку. Направив како што знаев и умеев. Имав по 5 настапи на ТВ секој ден. Десетици интервјуа и колумни. Објаснував и објаснував. Дејствував под тежок стрес. Наместо поддршка од палатистите, добив нечесни напади дека сум слуга на СДСМ и тоа го правам од лични побуди. Историјата сето тоа го има забележано. Еден ден ќе излезе на виделина. 

ПРЕС24: Кога сме кај Бугарија. Каде според Вас е главниот проблем во односите меѓу двете држави? 

БОГОЈЕСКИ: Бугарија ги изневери нашите пријателски македонски позиции. И во случајот со Црквата и во случајот со меѓусебниот договор. Премногу глума и нечесност. Неискрено пријателство. Главниот проблем се некои луѓе во Софија, кои конечно треба да се помират со фактот дека постои независна Македонија, онаа која тие ја задушија во 1944/5 година, под московска комада. Мора да го разберат нашиот вековен стремеж за самостојна држава, надвор од границите на останатите балкански држави. Кога со тоа ќе се помират, кога ќе разберат дека нашата независност од 1991 година, не беше само една етапа од отцепување од Србија, со цел да се припоиме кон Бугарија, туку напротив, со цел да опстанеме како независна Македонија низ вековите, тогаш се ќе биде лесно. Еве ја користам приликата, почитувани граѓани на Бугарија, помирете се со фактот дека постои независна Македонија. Идеалот на ВМРО е исполнет, темелот на државноста е каузата на Организацијата, а Бугарија нема право од нас да бара да се откажеме од тој идеал. Со тоа дирекно ја руши нашата државност, за која постојано и постојано повторуваат дека први ја признале. ВМРО се роди во Македонија, ВМРО е темелот на нашата државност, а болшевичкото решение на спорот со приказната за 1944/5 година не поминува. Извинете, но мојата кауза ниту започнала во 1944/5 година, ниту тогаш завршила. Таа трае до ден денес, таа е жива во сите нас, а додека е жива македонската кауза во нас, до тогаш ќе биде жива Македонија. Грците се соочија со тој факт, се помирија со нивната историска грешка да не антиквизираат и погрчат, се повлекоа од тие позиции, ја прифатија денешната реалност, сега е редот на Бугарија. Ништо не е страшно, нема да боли, еве нека се огледаат на Грција. Со сила убавина не бидува. Крвта вода не станува. Во Бугарија живеат повеќе од два милиони Македонци, повеќе од колку во Македонија, ние сме браќа и сестри, сите сме чеда на Македонија, јас имам и изгубен контакт со мои роднини од Крушево, кои спас нашле во Софија после Илинденското востание, се ни е јасно, но мораме да гледаме напред, кон мирен соживот и пријателство. Ние ќе бидеме заедно во ЕУ, ќе си помагаме и соработуваме и заедно со сите балкански нации, ќе се бориме за балканските интереси во големата Обединета Европа. А ние Македонците конечно ќе си го исполниме сонот за Обединета Македонија во Обединета Европа, со целосно почитување на територијалниот интегритет на нашите соседи. Што било, поминало, ајде да видиме, да направиме да дојде поубаво време за сите нас балканците. 

ПРЕС24: На што се должат оние тврди позиции на Софија во поглед на јазикот, историјата?

БОГОЈЕСКИ: На нивниот страв да се соочат со реалноста и да го отфрлат живковизмот како официјална државна идеологија на Бугарија. Јас целосно ги разбирам дека македонското прашање е опасно и по државноста на самата Бугарија, имам чувство на одговорност кон тоа. Така прави добар сосед. Но мораат и они да разберат и да имаат чувство дека ја загрозуваат државноста на мојата Македонија. Ајде заедно да си помогнеме. И ние имаме проблем со старата државна идеологија. Треба да ја смениме, многу брзо. Нашата желба за европска интеграција е доволен мотив тоа да го направиме. На нас ни треба модерна, автентична македонска државна идеологија од 21виот век. Софија тоа треба да го поткрепи, а не да остане закопана во минатото и како ноевите со главата во песок, да остане глува на нашите аргументи. Болшевизмот во Бугарија е многу силен, тие пострадаа под јаремот на СССР, треба да имаме и ние разбирање за нив. Но ајде заедно да растеме и да се ослободиме од ропството во нашите глави. 

ПРЕС24: На што се должат пак македонските позиции, кои веројатно имаат голема доза на недоверба, можеби и оправдана, во декларативноста на Бугарија за искрени добрососедски односи?

БОГОЈЕСКИ: Во Македонија постои огромна бугарофобија, без оправдана причина. Половина од тие кои по цел ден плукаат на социјалните мрежи, ниту еднаш во животот не ја посетиле Бугарија. Ниту еднаш не ги посетиле Пловдив или Варна и не се сретнале со таа, повеќе од искрена и чесна, срдечност на нашинците од егејот, кои таму живеат после балкнаските војни. Треба да ја напуштиме омразата кон било кој наш сосед. Јас подеднакво сите ги респектирам. Домашно воспитување е да имаме добри односи со сите соседи. Тоа е граѓанска култура, која за жал кај некои од нас ја немаме. Исто и во Бугарија, кај некои има огромна омраза кон нас Македонците. Дури имаат и понижувачки збор, некакво си „макето“ за нас. Ние тука никако да престанеме со тоа татарите. Но со тек на време сето тоа ќе се промени. Така биле воспитувани луѓето од двете страни на границата, да се мразат помеѓу себе. Сега европеизацијата ќе го промени тоа. 

Но ако зборуваме за македонски државни позиции, за жал тие се уште ги немаме. Тие се изгубени во преводот помеѓу македонските непрокопсани политички лидери. Наместо да седнат сите заедно, и да изградиме државен став, тие меѓусебно се натпреваруваат кој побрзо ќе го продаде македонскиот интерес. За општ потсмев се. На мене ми се очајни. Занесени само по личен и партиски интерес, без грам државност во себе. Бугарија од друга страна, направи огромни штети со т.н. рамковна позиција, со која дирекно, еднострано го суспендираше Илинденскиот договор. Сега треба да започнеме од ново, да градиме меѓусебна доверба. Вина има на двете страни.

ПРЕС24: Еве на пример кога Вие би биле лидер на ВМРО-ДПМНЕ, какво решение за Гоце Делчев би поддржале во рамки на историската комисија, или пак за Втората Светска Војна, иако оваа тема се уште е далеку во работата на Комисијата?

БОГОЈЕСКИ: Прво не сум покажал таква амбиција, јас сакам да сум лидер на граѓаните на Македонија и да се борам за државните позиции по тоа прашање. Јас мислам дека објективизацијата на историјата може да биде само внатрешен процес во македонското општество, како резултат на вистинска длабока демократизација, а никако под надворешен притисок. Тоа си е наш македонски внатрешен проблем. Бугарија воопшто не е засегната од тоа што ние Македонците мислиме по некои прашања. Ако започне процесот на европеизација, секако неминовно полесно ќе помине процесот на објективизација на историјата на двете држави. Со историјата нема проблем само Македонија, туку сите земји на Балканот, особено Бугарија. Решението е во историската вистина, а не во националните интерпретации. Јас би започнал обратно, од денес па наназад. Прво Бугарија да објасни зошто спречи создавање на независна македонска држава за време на ВСБ, а после тој одговор, се ќе биде лесно! Тука лежи зајакот! Проблемот е каква Македонија сакаме во ЕУ? Со тоа Бугарија нема расчистено. Нивната максима „Една држава, еден народ, еден Цар“ за нас никогаш не била прифатлива. Нашата максима е „Македонија на Македонците“. Судирот помеѓу тие два концепти, настанал многу одамна, уште пред 150 години. Тој е актуелен и денес. Тоа е проблемот, визијата за иднината. Не е проблем минатото и историјата. Ние решението го имаме. Секако и ќе го публикуваме во даден момент. 

ПРЕС24: Ако реално се постават состојбите, дали македонското општество има предрасуди кон Бугарија?

БОГОЈЕСКИ: Веќе одговорив, има и тоа е последица на пропагандата од минатото. Тоа ќе го промени европеизацијата на нашата земја, но и на целиот Балкан.

ПРЕС24: Дали со членството во НАТО е затворено македонското прашање на Балканот?

БОГОЈЕСКИ: Постојат три атрибути на државноста, територија, население и суверена власт. Ние со НАТО ги постигнавме двете, географија и управа. Останува уште нација! И тоа ќе го решиме. Всушност Македонски концепт веќе промовираше решение од минатата година, свесни дека ќе дојдеме до тоа. Знаеме како и тоа хируршки прецизно, да помине кај сите соседи и во целиот свет. Ние ќе бидеме членка на ЕУ за 10 години, а целосно европеизирани за плус 5 години. Тоа значи, за 15 години од денес, сето ова ќе биде смешно за дискусија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.05.2020 - 10:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега