Димовски: Со контролните маркички за брашното се штитат и пазарот и потрошувачите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љубчо Димовски, одговарајќи на новинарско прашање изјави дека контролните маркички за брашното не се воведени за да се спречи увозот на нечие брашно, туку за да се заштити пазарот и потрошувачите во Македонија.
- Маркичките се однесуваат на производителите на брашно во Република Македонија и на увозниците на брашно кои се воведени во регистарот на оператори на брашно во Министерството за земјоделство. По поднесувањето на потребната документација и уплаќањето на средствата во висина на цената на чинење на маркицата, се издаваат контролните маркички. Тоа е патот и има законски период во којшто треба да се издадат и да се употребат, нагласи министерот Димовски.
Инаку, српските мелничари се пожалија дека имаат потешкотии при извозот на брашното во Македонија. Српскиот министер за надворешна и внатрешна трговија Расим Љајиќ изјави дека ќе следат како во Македонија се одвива издавањето на контролните маркички за увоз на српско брашно и најави воведување на контрамерки доколку овој проблем не биде надминат до понеделник.