Ѓорѓиев: Ќе се зајакнуваат правата на малцинските акционери и ќе се продолжи рокот за поднесување годишна сметка

Со најновите измени на Законот за трговски друштва ќе се зајакнуваат правата на малцинските акционери во акционерските друштва, а ќе има и продолжување на рокот за поднесување годишна сметка до Централниот регистар на големите и средните компании во земјава, изјави денеска владиниот потпарот Александар Ѓорѓиев.

На последната владина седница се усвоени пакет реформи чија цел ќе биде подобрување на бизнис климата во земјата и подобрување на правата на акционерите.

- „Доколку за осум дена не се свика Собрание на акционери, или Собранието го одбие барањето, или пак во рок од 60 дена не донесе одлука, малцинските акционери имаат право да побараат назначување на овластен ревизор од надлежниот суд“, истакна владиниот потпарол.

Ќе се пролонгира и рокот за доставување годишна сметка до Централниот регистар.

- „Досега во рок од два месеци по завршување на календарската година, големите и средните претпријатија имаа обврска да поднесат годишна сметка до Централниот регистар до 28-ми февруари, а сега тој рок ќе биде продолжен до 15-ти март“, рече владиниот портпарол, додавајќи дека задолжителна е електронска форма за поднесување на годишната сметка до Централниот регистар.

најчитано сега