Денеска се слави Свети првомаченичка рамноапостолна Текла - доволно е да направите само една работа на овој ден
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 24 септември. Денеска е Св. првомаченичка, рамноапостолна Текла.
Родена е во Иконија, од родители прочуени, но незнабожци. Како осумнаесетгодишна девојка била верена за некое момче во она време кога апостолот Павле дојде со Варнава во Иконија за проповед на Евангелието. Слушајќи го Павле три дена и три ноќи, Текла се обрати целосно во Христовата вера и се заветува да живее во девственост. Мајка ѝ , штом виде дека таа веќе ни не гледа на својот вереник ниту помислува на брак, почна најпрво да ја советува, а потоа да ја тепа и да ја измачува со глад. Најпосле ја предаде на судија и бараше да биде со оган изгорена. Судијата ја фрли во огнот, но Бог ја зачува неповредена.
Тогаш Текла тргна по Светиот апостол Павле и отиде со него во Антиохија. Привлечен од нејзината надворешна убавина еден градски старешина посака да ја земе кај себе со сила, но Текла се истргна од неговите раце. Тој старешина ја обвини кај кнезот дека е христијанка и дека се гнаси од брак. Кнезот ја осуди на смрт и ја фрли пред ѕверови, но ѕверовите не го ни допреа телото на Светата девица. Восхитен од ова, кнезот ја праша: „Која си ти и каква сила има во тебе што ништо не може да ти наштети?“ Текла му одговори: „Слугинка сум на живиот Бог.“ Тогаш кнезот ја пушти на слобода и таа почна да го проповеда Евангелието и мнозина успеа да ги обрати во вистинската вера. Меѓу овие беше и чесната, угледна девица Трифена. Потоа Текла, со благослов на Св. апостол Павле се оддалечи во едно пусто место близу Селевкија. Овде таа се подвизуваше долго и исцелувајќи болни со чудотворната благодат мнозина ги обраќаше кон христијанство.
Лекарите и жреците во Селевкија се исполнија со завист, па испратија некои млади луѓе за да ја осквернат, надевајќи се дека таа, кога ќе ја изгуби девственоста, ќе ја изгуби и нејзината чудотворна моќ. Текла бегаше од оние дрски момчиња и кога виде дека ќе ја фатат, кога се најде пред една карпа се помоли на Бога, па карпата се отвори и ја сокри оваа Света девица и Христова невеста. И таа карпа ѝ беше скривалиште и гроб. За оваа чудесна светителка Св. Јован Златоуст вели: „Како да ја гледам оваа блажена дева како Му принесува на Господа со едната рака девственост, а со другата мачеништво.
Оваа светителка се смета за заштитничка на жените. Народот смета дека денеска дамите кои ќе отидат во црква и искрено ќе ја замолат оваа светителка, ќе им биде исполнета една желба која длабоко ја посакуваат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа