„За жал немате мнозинство“ - разрешуавњето на Вељаноски не стигна ни на дневен ред

 

Пратениците од владејачкото мнозинство денеска не ја прифатија предлог-одлуката на опозицијата за разрешување на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Вељаноски предложи барањето на опозицијата да биде ставено на дневен ред на денешната 75. седница, но на предлог на пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ тоа не беше прифатено.

- Иницијативата на СДСМ е неоснована и не се однесува на ниту еден аспект од работата на Собранието. Собранието ниту може, ниту смее да се меша во надлежностите на независната судска власт, посебно не би смееле да се произнесуваме и да даваме свои ставови за судски или пак за истражни постапки кои се во тек. Тоа би било груб начин на притисок врз одлуките и постапувањето на судските органи, изјави Димовски.

Посочи дека Собранието во моментов има исклучително значајни поприоритети како што се ребалансот на Буџетот за оваа година, буџетот за следната година, продолжување на политичкиот дијалог во рамките на работната група за имлементација на заклучоците од Извештајот за 24 декември.

- Овој мандатен состав на Собранието има обврска да ги разреши и да ги надмине предизвиците што како последица останаа од декември минатата година. Ние не смееме како Собрание заради тесни партиски интереси да си дозволиме повторно нарушување на состојбите и нормалното работење на Собранието, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Вељаноски покажал ефикасност во работењето дури и во периоди на интензивен политички судир помеѓу политичките партии.

- Забелешките кои се однесуваат на претседателот Вељановски а се однесуваат на неговиот говор по повод државниот празник 23 октомври, се целосно неприфатливи, ги отфрламе бидејќи говорот на претседателот беше исклучително патриотски и не беше насочен кон ниту една политичка партија. Неговите повици дека во оваа држава не треба да има политичари кои би го смениле името на државата не се однесуваат директно кон никого. Доколку некој сам се пронашол во тие пораки, тоа не е проблем на претседателот Вељановски а најмалку наш. Тоа е проблем на самоповиканите, изјави Димовски. 

Тој истакна дека пратениците не смеат да го злоупотребуваат Собранието за исклучиво партиски пресметки.      

За координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски тој којшто бега и оневозможува дебата покажува дека нема аргументи. Обвини дека  Вељановски  и владејачкото мнозинство се ставиле над Уставот.  

- Димовски повикува на дебата, а спречи дебата за лицето Трајко Вељановски, рече Ивановски, за кого ова е преседан.

Силвана Бонева, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратениците од нејзината партија и коалицијата не бегаат од расправа за одговорност за претседателот на Собранието, или кој било функционер. Побара од пратениците од опозицијата да поднесат интерпелација за која цел ден ќе се дебатира. - Сега имаме поважни прашања, како ребалансот на Буџетот, рече Бонева. 

По ова Ивановски од СДСМ побара пауза. Претседателот Вељаноски го прифати барањето. 

„За жал немате мнозинство“ им порача на пратениците на СДСМ.

Седницата беше прекината на барање на пратеничката група на СДСМ, а ќе продолжи по паузата. 

Собранието ја утврди потребата за донесување на Предлог на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за проектот „Модернизација на блок 1 во ТЕ Битола“, кој ќе се склучи меѓу Дојче банка и АД ЕЛЕМ, по скратена постапка. 

На дневен ред на оваа седница е и предлог-одлуката за распишување оглас за избор на претседател на Државната изборна комисија, како и педесетина закони. 

30.10.2013 - 13:51

најчитано сега