Сарачини: Драстичен пораст на бројот на туристи - Македонија инкасирала 140 милиони долари
Собраниската седница на чиј дневен ред се пратенички прашања почна попладнево со прашање до министерот за економија Ваљон Сарачини за вкупните приходи остварени во Република Македонија од оваа летна сезона споредено со приходите остварувани во минатите години.
- Има позитивен драстичен пораст на бројот на туристи, особено странски, како резултат на серијата владини мерки, активности и субвенции за развој на туризмот, нагласи министерот Сарачини.
Тој посочи дека бројот на туристи во Република Македонија, според последните податоци од Државниот завод за статистика, се зголемува за 12 проценти секоја година. До 2020 година целта е, како што рече, приходите од туризмот да постигнат 5 проценти од вкупниот БДП.
Информира дека минатата година приходите од туризмот изнесувале околу 180-200 милиони долари, а годинава, согласно последните податоци, се 138 милиони долари.
За тоа колкав е процентот на учеството од приходите од руралниот туризам од вкупниот приход од туризмот во 2013 година, Сарачини најави поволни кредити за развој на овој туризам, а секое село, подвлече, може да планира да направи промотивни туристички рурални куќи, кои ќе се категоризираат согласно закон.
Тој ги повика локалните власти што е можно повеќе да се вклучат во промоција на туризмот.
Министерот Сарачини потсети дека Владата за развој на туризмот има преземено и мерки поврзани со туристичките агенции и авио превозниците, а во таа насока во април 2013 година се планираат нови три авиолинии за да се зголеми бројот на странски туристи.
Најави и отворање шест до осум туристички развојни зони, каде ќе се нудат бенефиции за изградба на хотели во Македонија. Тој информира дека се подготвува и проект за промоција на еко туризам односно посета на националните паркови, а изготвено е и туристичко упатство за домашните туристички агенции за задолжителна понуда на домашниот туризам