Европски ден на претприемачот и Недела на мали и средни претпријатија
Во организација на Европската бизнис асоцијација денеска во Македонија по осми пат почна манифестацијата Европски ден на претприемачот и Европска недела на мали и средни претпријатија чија цел е промовирање на претприемништвото, креативноста и иновативноста, како и информирање на претприемачите за поддршката што им се нуди преку разни форми за нивен развој достапни во националните, локалните и програмите на ЕУ.
- Со денешната организацијата на Европскиот ден на претприемачот стартува Европската недела на мали и средни претријатија. Оваа година идеата е генерално да се поддржат иновациите и иновативното работење во малите и средните претпријатија во Македонија, изјави Димитар Ристовски, извршниот директор на Европската бизнис асоцијација пред почетокот на настанот.
Тој посочи дека новите бизниси што младите луѓе сега ги започнуваат се прилично иновативни. - Младите најчесто работат во областа на веб-дизјан, веб-дивелопмент и он-лајн продажба што е прилично иновативно за досегашното работење на малите и средните претпријатија. Сметам дека иновативноста не треба да остане само во ИТ секторот, бидејќи иновациите можат да се применат во секое од малите и средните претпријатија и во секоја гранка од работењето, рече Ристовски.
Евроамбасадорот Аиво Орав порача дека се надева оти до 2020 година Владата на Македонија ќе успее да ги заврши преговорите со Европската унија за да може да учествува во програмата Хоризонт 20/20 на ЕУ, која, како што рече, ќе води до создавање виснтински внатрешен пазар за иновативни вештини.