Од 1 ноември поевтини СМС пораки во Македонија
Големопродажните цени за говорни услуги и за СМС-пораките во мобилната телефонија, од денеска се намалуваат. Цените за интерконекција кај говорните услуги паднаа од досегашните 4 и 3,2 денари на сегашните 1,2 денари и важат симетрично за сите оператори, пишува Вечер
Исто така, паднаа и големопродажните цени за СМС-пораките од досегашните 2 денари на 0,5 денари. Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) очекува после ова намалување и мобилните оператори да ги намалат цените на СМС-пораките за своите корисници за 75% и истите да чинат 1,25 денари (досега беа 5 денари).
- Овие цени имаат за цел да ги поттикнат граѓаните да ја користат оваа услуга на мобилните оператори која во изминатиот период регистрираше драстично намалување. И како во делот на СМС така и во делот на говор, намалените големопродажни цени треба да бидат услов да се намалат цените за зборување по мобилен и за крајните корисници - велат од АЕК.
Од мобилните оператори ги поздравија новите цени.
- ОНЕ како и секогаш и овој пат ги поддржува сите потези на регулаторот што ја подобруваат конкуренцијата на пазарот. При тоа остануваме доследни на нашата крајна цел да овозможиме најдобри услуги и сервиси за нашите корисници и се разбира со најдобри цени. Влијанието на оваа мерка ќе можеме да ја видиме на долг рок, но не очекуваме поголем ефект на финансиските резултати - велат од ОНЕ.
И од Вип оператор се задоволни.
- Новите цени за интерконекција веруваме дека ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на операторите, што секако ќе донесе придобивки и за корисниците. Вип во некои од своите тарифи веќе го има вкалкулирано намалувањето на големопродажните цени. Се уште работиме на анализите на новите понуди кои ги подготвуваме за корисниците, и со сигурност може да кажеме дека ќе продолжиме да го исполнуваме ветувањето кон корисниците - истакнуваат од Вип оператор.
- Ја поздравуваме симетријата која ќе настапи за говор во мобилната телефонија. Овој чекор треба да придонесе кон порамноправен настап на трите мобилни оператори на пазарот. Што се однесува до СМС и досега постоеше симетрија - истакнуваат од Т-Мобиле.