Кина се запозна со туристичкиот потенцијал на Македонија

На 15-тиот по ред саем за туризам во Кунминг, Кина се запозна со можностите за инвестирање во земјава.

Пред присутните, Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски ги претстави убавините на Македонија и можностите за инвестирање и развој на туризмот. Тој оствари средби со Директорот на агенцијата за туризам во Кина, Шао Кивеи и претседателот на интернационалниот саем за туризам во Кунминг, Баи Ченглиан.

-По 20 години дипломатска соработка со Народна Република Кина, мислам дека сега е совшено време  за отворање на нови можности во полето на туризмот. Се надевам дека во иднина економскиот успех и туризмот ќе не поврзат посилно. Средбата беше одлична шанса да се запознаат овие две различни култури и да се отвори можност за соработка, изјави директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Кристијан Џамбазовски.

На средбите било констатирано дека Македонија има голем потенцијал.

-Никогаш не сум бил во Република Македонија, но откако ја видов презентацијата сигурно ќе биде една од следните дестинации за посета. Се радувам на можноста за соработка со Република Македонија, а воедно и ја поздравувам иницијативата на Република Македонија да понуди бројни поволности за потенцијалните инвеститори од Кина, рече Баи Ченглиан, претседател на интернационалниот саем за туризам во Кина, CITM.

Исто така, Џамбазовски се сретна и со неговиот кинески колега, Директорот на агенцијата за туризам на Кина, Шао Кивеи: -Имаме навистина големи очекувања од оваа средба. Потребен ни е тур-оператор кој ќе ни биде стратешки партнер од Народна Република Кина. Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот има изготвено промотивни материјали на Кинески јазик што пријатно го изненади г-дин Кивеи. Република Македонија претставува одлична можност и воедно порта за влез на компаниите на Народна Република Кина на Европскиот пазар. Има позитивна клима за убава и долгорочна соработка со Кина. Штотуку го направивме првиот чекор за отворање на еден од најголемите пазари во светот, изјави Џамбазовски.

Презентацијата на можностите за инвестирање и убавините на Македонија наишла и на  одличен прием кај публиката.

 

01.11.2013 - 12:48

најчитано сега