Лицата со инвалидитет задоволни од Огласот за вработување
Националните сојузи на слепите и на телесно инвалидизираните лица го поздравија огласот за вработување на 300 инвалидизирани лица кој го објави македонската Влада.
- Со тоа ќе се намали невработеноста која е застапена кај лицата со телесен инвалидитет во Република Македонија, од една страна, а од друга страна ќе можеме да покажеме дека и лицата со телесен инвалидитет се способни и моќни и дека не се болни и неспособни и оти со својата едукација ќе дадат полн придонес, изјави претседателот на Националниот сојуз на телесно инвалидизирани лица Бранимир Јовановски кој смета дека ова е голем чекор напред во згрижувањето на овие лица кое според него треба да се одвива во континуитет.
Инаку, Владата објави оглас за вработување на 300 лица со инвалидност на кој можат да се јават лица со оштетен вид, слабовидни и слепи, со оштетен слух, глуви и наглуви, лица со пречки во гласот, говорот и јазикот, лица со телесна инвалидност - тешка и потешка, лица со пречки во менталниот развој - лесни и умерени и лица со комбинирани пречки и инвалиди на трудот. Изборот на кандидати за засновање на работен однос ќе се врши по утврдени критериуми на бодување при што до 40 бода ќе се добиваат за период и години на невработеност, до 30 за личен приход на лицето со инвалидност, до 20 бода за приход на домаќинство и до 10 бода за еднородителско семејство или домаќинство кое има повеќе членови со инвалидност. Како приходи на домаќинство ќе се смета состојбата од 1 јануари 2013 година, а социјалната парична помош, посебниот додаток, паричниот надомест за помош и нега од друго лице и додатокот за слепило - мобилност нема да се земаат како приход.
Од 300 работни места, 160 се предвидени за помошни работници со ниско образование и квалификација, 100 за референти-извршители со средно и вишо образование и 40 соработници и советници со високо образование.
Огласот ќе трае до 1 декември, а незадоволните ќе имаат право да поднесат жалба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа