Македонија доби нови 318 полициски службеници
Во центарот за обука на кадри од областа на безбедноста денеска се одржа свеченост по повод крајот на едногодишната обука на кандидатите за полициски службеници на Македонија, со што земјата доби нови 318 полицајци.
Свое обраќање на церемонијата имаше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. - Заради новиот начин на селекција кој за прв пат го промовиравме, како и професионалната заложба и посветеноста на сите инволвирани во обуката, вашата генерација е веројатно најдобрата и најперспективната досега, рече министерката Јанкулоска и додаде дека потпишувањето на заклетвата не значи крај, туку напротив, почеток на обврските.
Секој ден, секој час, во секоја улица и во секој град од Република Македонија, вие ќе ја спроведувате оваа заклетва и ќе бидете пример за останатите граѓани, наведе Јанкулоска и додаде дека кандидатите кои ја поминаа едногодишната обука имале можност самите да се уверат во строгоста, принципиелноста и дисциплината на кои иницира МВР.
Основната обука за кандидатите за полициски службеници што денеска потпишаа заклетва почна на 5 ноември минатата година. Дванаесетмесечната обука ја почнаа 331 кандидат, а ја завршија 318. Тринаесетте кандидати го загубиле правото на обука по различни основи. Пет кандидати по лично барање, четворица не го исполниле потребниот мининимум на бодови од 60 проценти за продолжување на обуката во следните модули, а четворица кандидати го загубиле правото заради дисциплински престап.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа