Македонија трета во Европа според процентот на државна сопственост на шумите на своја територија
Европската канцеларија за статистика излезе со статистички податоци за земјоделството, шумарството и рибарството, при што констатираше интересен податок дека Република Македонија е трета земја во Европа според процентот на шуми на сопствена територија што се во државна сопственост.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во 2012 година дури 90,4 проценти од шумите во Македонија и припаѓаат на државата, а само 9,6 отсто се приватни, при што во овој поглед, повеќе од нашата земја имаат само Лихтенштајн (91,4 отсто од шумите се во државна сопственост) и Турција (99,9 отсто државни шуми). Според податоците, Македонија, во однос на површина без внатрешни пловни патишта (реки и езера) поседува 2.491.000 хектари, од кои шумското и другото пошумено земјиште изнесува 1.141.000 хектари, а само шума кај нас во 2012 година е утврдено дека има околу 998 илјади хектари.
Инаку, во споредба со државно-приватната сопственост на шумите, според Евростат, од земјите-членки на Европската унија, Бугарија има најголем процент на шуми во државна сопственост и изнесува 86,8 отсто, а по неа следуваат Полска со 82,2 проценти и Грција со 77,5 проценти. Интересно, но Португалија е земја што не само во ЕУ, туку и во целиот свет има најмал процент на шуми во државна сопственост оти според Евростат дури 98,4 отсто од шумите во оваа земја се приватни.
Евростат за продукцијата на житни растенија истакнува дека Македонија произвела 460.000 тони жито во 2012 година, а вкупно жито, вклучувајќи и ориз во ЕУ се произвеле 285 милиони, од кои Франција во 2012 година произвела најмногу, 68,4 милиони.
Она што привлекува внимание во публикуваната книга за овие статистички податоци на европската канцеларија за статистика е што нашата земја и останатите се претставени со официјалните кодови, при што за Македонија е претставен кодот „мк” до кој има ѕвездичка со објаснување.
- Привремениот ИСО код на каков било начин не ја прејудицира дефинитивната номенклатура за оваа земја што треба да се договори по склучувањето на преговорите што во моментов се водат на оваа тема во Обединетите нации, наведуваат од Евростат за официјалниот македонски код кој е регистриран како „мк“ и „мкд“ во Обединетите нации.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа