Груевски: ТИРЗ е можност за нови работни места и инвестиции во Македонија
Претседателот на Владата, Никола Груевски, денеска присуствуваше на поставувањето камен-темелник на новата Технолошко-развојна економска зона кај Тетово. Премиерот исткана дека ова е голема можност која значи отварање нови работни места во Македонија.
- Зоната кај Тетово е дел од големиот проект на Владата за отворање вакви економски зони крај сите поголеми градови во државата. Досега се отворени „Скопје 1“, „Скопје 2“ и „Штип“, а градежните работи се одвиваат во Кичево, Гевгелија, Прилеп и Струмица, додека почеток на прибирање документација има на повеќе други места низ државата, рече премиерот Груевски, потенцирајќи дека зоната кај Тетово е основана 2010 година со одлука на Владата и делумно доцнеше поради имотно-правните проблеми кои веќе се надминати, како и дека првпат се применува тип на инвестиции во економските зони во Македонија по принципот на јавно-приватно партнерство.
- Со изградбата на адекватната инфраструктура ќе има вистински простор што ќе привлече странски инвеститори, особено што одговара местоположбата бидејќи се блиску границите со Косово, Албанија и Србија, постоењето на двата универзитета во Тетово како можност за висококвалитетни и доброобразувани кадри што може да претставува атрактивна зона за многу инвеститори, рече Груевски.
И директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо кој беше дел од поставувањето камен-темелник, посочи дека станува збор за вкупна инвестиција од 7 милиони евра која ќе се реализира во три фази.
Министерот Ваљон Сарачини истакна дека станува збор за реализација на еден капитален проект што гарантира економски просперитет и развој за сите граѓани.
- Иако имаше голем скептицизам за неговата реализација, ние како Влада работевме според планот што го предвидовме, пронајдовме сериозен инвеститор и покажавме дека ако се работи со добра намера и цел има и успех, рече Сарачини.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа