Другарите и девојка му гледале немоќни - еве што му се случило на младиот Атанас кој загина кај Бабуна
Младиот скопјанец кој вчера падна од провалија висока 20 метри кај изворите на Бабуна под Солунска глава, починал од ударот со глава во камен, информираат од велешката полиција.
- Во критичниот момент Атанас Лиасовски (24) во 13 часот и 30 минути се движел во група од шест лица на возраст од 20 до 30 години меѓу кои била и неговата девојка. Сите биле очевидци не трагичниот настан, тие виделе како нивниот пријател Атанас се лизнал и паднал и удрил во камен. Но поради непристапниот терен никој не можел да му помогне, рече на денешната прес-конференција портпаролот на СВР Велес Анита Стојковска.
Поради непокриеност на местото со мобилна телефонија неговите другари во полиција се јавиле за помош дури еден час по несреќата.
Според информациите од полицијата, момчето се движело по карпа во висина од 20 метри, паднало во провалија, со главата удрило во камен и починало. На лице место бил испратен хеликоптер од ЕСЗ, момчето било извлечено и пренесено во Скопје. За жал, медицинските екипи, а подоцна и лекар од Градската болница, констатирале смрт кај скопјанецот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа