Владата издвои 35 милиони денари за поддршка на рибарството и аквакултурата

 

Владиниот потпарол Александар Ѓорѓиев на прес-конференција истакна дека македонската Влада распиша јавен повик за добивање субвенции за рибарство и аквакултура.

Станува збор за субвенции за произведена и продадена риба на пазарот за која се издвоени и ќе бидат исплатени 15 милиони денари, како и субвенции за порибителен материјал од домашно производство за која се издвоени и ќе бидат исплатени 20 милиони денари.

 Во однос на првата мерка Финансиска поддршка за произведена и продадена риба на пазарот, ќе се субвенционира со по 10 денари по килограм произведена и продадена риба од видовите виножитна пастрмка, поточна златовчица, крап, амур, сом и тостолобик и со по 20 денари по килограм произведена и продадена риба од видовите речна пастрмка и охридска пастрмка.

Како и минатата година, така и оваа, заради поттикнување и стимулирање на конкурентноста, и поддршка на сите видови бизниси субвенционирањето ќе биде скалесто: - За произведена риба во рибник со проектиран капацитет до 25 000 килограми – 100% од субвенцијата; за произведена риба во рибник со проектиран капацитет од 25 000 до 50 000 килограми – 75% од субвенцијата; за произведена риба во рибник со проектиран капацитет од 50 000 до 100 000 килограми  - 50 % од субвенцијата и за произведена риба во рибник со проектиран капацитет со над 100 000 килограми и производство 25% од субвенцијата.

Втората мерка која денеска ја истакна владиниот потпарол е Финансиска поддршка за порибителен материјал од домашно производство. Се работи за финансирање за чување на риба-матица, и финансирање по основ на набавен порибителен подмладок.

За подмерката Чување на риба-матица финансиската поддршка ќе се исплаќа во висина од 600 денари по матица, при што за видовите охридска пастрмка, речна пастрмка и виножитна пастрмка, и поточна златовчица ќе се финансираат најмногу 700 броја односно најмногу 420 илјади денари, за видот крап ќе се финансираат најмногу 300 броја односно најмногу 180 илјади денари и за видовите амур, сом и толстолобик ќе се финансираат најмногу 50 броја односно најмногу 30 илјади денари.

 За подмерката Набавен подмладок финансиската поддршка се исплаќа во висина за покривање на трошоците во обем кој изнесува 40% од просечната пазарна цена на набавениот подмладок. 

Сите заинтересирани субјекти кои ги исполнуваат законските услови може да конкурираат со поднесување на документите до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, која стои на располагање за дополнителни информации во врска со сите аспекти на овој процес. Рокот за поднесување на документите е 30 ноември и нема да биде продолжен.

 

12.11.2013 - 12:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега