Анкета: Граѓаните ги поддржуваат проектите и активностите на Министерството за транспорт и врски
Институтот за политички истражувања – Скопје спровел анкета според која 62,6 отсто од вкупно 1.107 испитани граѓани одговориле дека би го користеле повеќе железничкиот превоз по реализацијата на проектот за набавка на нови патнички вагони и рехабилитацијата и проширувањето на железничката мрежа, а 86,2 отсто го сметаат овој проект за оправдан.
Како што соопштува Минситерството за транспорт и врски, резултатите од спроведената анкета покажуваат дека повеќе од половина испитаници изразиле поддршка на проектите и активностите од областа на инфраструктурата и транспортот кои се актуелни и чија реализација е во тек.
Проектот за гасификација на Македонија 57,7 отсто од испитаниците го оцениле како многу важен, а 84 отсто се изразиле дека ги поддржуваат преземените мерки за воведување построга контрола за стабилноста при градењето на нови згради.
На прашањето кој автопат или магистрален патен правец е најважен да се направи или прошири, 31,3 отсто одговориле дека тоа е автопатот Кичево – Охрид, а 23 отсто дека тоа е автопатот Скопје – Свети Николе – Штип. Од испитаниците, 61,4 отсто сметаат дека Владата ќе ги реализира најавените проекти за нови автопати и магистрални патни правци.
Анкетата за потребите на Министерството за транспорт и врски на цела територија на Република Македонија ја спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) во периодот 7 - 9 ноември 2013 година и истата беше анонимна и телефонска, на репрезентативен примерок од 1.107 испитаници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа