Податоците од Израел покажуваат: Вакцините се ефикасни, невакцинираните се со поголем ризик од тешка форма на ковид-19

 

Според податоците на израелското Министерство за здравство, иако ризикот од појава на тешки симптоми се зголемува со возраста и за вакцинираните и за невакцинираните, тој се зголемува многу подраматично кај невакцинираните.

Околу 5,8 милиони Израелци досега примиле барем една доза вакцината против коронавирус. Исто така, 422 326 добиле и трета доза како дел од новата кампања за да се даде „засилувач“ за повозрасни и други ранливи лица.

Невакцинираните повозрасни лица имаат над пет пати поголема веројатност да доживеат тежок случај на ковид-19 отколку оние кои се вакцинирани, покажуваат податоците кои ги објави израелското Министерство за здравство.

И покрај неодамнешното зголемување на бројот на посериозни случаи на зараза во Израел, вклучително и кај целосно вакцинираните, односно што ги примиле двете дози на вакцината против ковид-19, тие имаат значително помали шанси да доживеат тешка болест, пишува весникот Хаарец.

Од 8 август, Министерството регистрираше 85 тешки случаи на ковид-19 на 100 000 луѓе меѓу невакцинираните лица постари од 60 години, наспроти 16 на 100 000 луѓе меѓу целосно вакцинираните. Ова значи дека повозрасните невакцинирани лица имаат пет пати поголема веројатност да доживеат тежок случај за разлика од оние на иста возраст, но кои се вакцинирани.

За оние на возраст под 60 години, стапката на тешки заболувања кај невакцинираните изнесува 1,4 случаи на 100 000 луѓе, што е 2,8 пати повеќе од 0,5 на 100 000 кај оние кои примиле две дози од вакцината.

Според податоците, иако ризикот од појава на тешки симптоми се зголемува со возраста и за вакцинираните и за невакцинираните, тој се зголемува многу подраматично кај невакцинираните.

За оние на возраст меѓу 60 и 69 години, има 43,4 случаи на 100 000 меѓу невакцинираните, наспроти само 6,5 кај целосно вакцинирани. Ова се зголемува на 65 односно 16 случаи,за оние на возраст од 70-79 години и на 227,8 односно 33,1 за оние на возраст од 80-89 години.

Професорот Ран Баличер, претседател на израелската експертска комисија за ковид-19 за Хаарец вели дека „нема сомнение“ дека невакцинираните се изложени на поголем ризик да развијат тешка болест од ковид-19.

„Ова можете да го видите во наједноставните графикони објавени од Министерството за здравство. Кога ќе ги погледнете Израелците над 60 -годишна возраст и ќе ги испитате стапките на тешки заболувања – не бројки, стапки, што значи број на заболувања по одреден број на население – тогаш она што го гледате е дека меѓу оние кои се невакцинирани, постои значително повисока стапка на тешки заболувања отколку кај вакцинираните “, објаснува тој.

12.08.2021 - 10:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега