Комисијата за финансирање и буџет ќе ја продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2014

 

Комисијата за финансирање и буџет денеска ќе ја продолжи седницата на чиј дневен ред е Предлог-буџетот за 2014 година. Расправата почна вчера, а поднесени 684 амандмани од опозициските пратеници.

Предлог-буџетот предвидува државната каса за следната година ќе изнесува  176,5 милијарда денари. Приходите се планирани на 158 милијарди и 200 милиони, а буџетскиот дефицит 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори. И на приходната и на расходната страна има зголемување за 7 проценти во однос на годинашниот буџет.

Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а инфлацијата на 3,3 проценти. Нивото на буџетскиот дефицит, според проекците, ќе изнесува 3,5 проценти.

Со буџетот е предвиден раст на капиталните инвестиции, платите, пензиите, социјалните додатоци, земјоделските субвенции...

Вкупниот износ на капитални инвестиции се планира да изнесува 22,5 милијарди денари и е за 20 проценти повеќе од оваа година. Од вкупните капиталните инвестиции  предвидени се 3,4 милијарди денари за патната и железничка инфраструктура, за образование, детска заштита и спорт 2,4 милијарди денари или 11 проценти од вкупните капитални инвестиции, за изградба на јавни здравствени установи, односно за клиниките во Скопје и во Штип 1,9 милијарди денари, за енергетски и комунални инфраструктура 1,3 милијарди денари или шест отсто од вкупните капитални расходи, и за изградба на технолошко индустриските развојни зони предвидени се 505 милиони денари.  

Со Буџетот се предвидени средства и за пораст на платите за администрацијата за 350 милиони денари, за пензиите 1,8 милијарди денари, а субвенциите во земјоделството се проектирани на 140 милиони евра.

Државниот долг во наредниот период, според Владата, ќе остане на умерено ниво и до 2016 нема да надмине 37,6 проценти од БДП. 

14.11.2013 - 08:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега